МЗТ Скопје успешно ги финализираше преговорите со Војдан и Дамјан Стојановски, па македонските кошаркарски асови и во следната сезона ќе бидат дел од тимот со кој во претходните две години стигнуваа до двојни круни на домашната сцена.
За капитенот Дамјан ова ќе биде 11. сезона во сино-белиот дрес во која ќе ја брка јубилејната десетта титула, сите освоени со нашиот МЗТ. Пред Војдан, пак, е третата сезона како член на „сино-белите“ од Аеродром, откако првпат се приклучи на МЗТ на почетокот од 2022 година и се наметна како апсолутен лидер на екипата.
„Обновата на соработката со браќата Стојановски е само продолжување на нашата клупска политика за формирање тим предводен пред се од квалитетни македонски кошаркари. Договор со нашиот тим имаат уште Бојан Крстевски, Марин Петков, Андреј Андоноски и Марко Миловановиќ, со што веќе имаме затворено половина од ростерот за средбите што нѐ чекаат во домашните натпреварувања и во АБА2-лигата“, објави МЗТ Скопје.
„Металците“ веќе начелно имаат постигнато договор и со репрезентативниот плејмејкер Андреј Магдевски како и со центарот Тео Симиќ, а се преговара и со странски кошаркари, но официјализацијата на тие трансфери ќе биде возможна дури откако ќе биде крената забраната за трансфери од кошаркарскиот суд БАТ, поради долговите на македонскиот прваккон неколку кошаркари од пред две сезони, кои веќе ги добија и судските спорови во БАТ против МЗТ Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА