Формулата за успехот на „хероите“: Сите се еднакви, дури и капитените!

Младата фудбалска репрезентација на Македонија до 21 година се подготвува за настап на Европското првенство, кое од 16.јуни до 30.јуни ќе се одржува во Полска. Сите се надеваме дека во градовите Гдиња и Бидгошч, каде Македонија ќе ги игра своите мечеви во групата, против Шпанија, Србија и против Португалија, ќе продолжат успесите на селекцијата што ја предводи селекторот Благоја Милевски.

А, која е формулата за успехот на „хероите“?! Тоа е извонредниот тимски дух, и неверојатната хомогеност во селекцијата. Сите се еднакви, па дури и капитените! Младиот национален тим има тројца капитени, Ѓоко Зајков, Бобан Николов и Давид Бабунски, и тие тие ќе бидат предводници на по еден од трите натпревари во групата на Европското првенство. И тие, според филозофијата на селекторот Милевски, се еднакви со останатите фудбалери.

„Така е во оваа млада репрезентација на Македонија до 21 година, уште од моментот кога ја преземав работата. Им реков на фудбалерите дека сакам сите да се еднакви, да се почитуваат максимално, и среќен сум што навистина тоа го постигнаа. Во почетокот имавме четворица капитени, Ѓоко Зајков, Давид Бабунски, Бобан Николов и Валмир Нафиу. Потоа низ квалификациите се искристализираа тројцата стандардни, и на секој нареден меч друг ја носеше капитенската лента. Се менуваат на секој натпревар, со напомена дека го предводат тимот, во кој сите се еднакви“, открива за ЕКИПА, селекторот Благоја Милевски.

На првиот меч на ЕП, против селекцијата на Шпанија, капитен ќе биде Ѓоко Зајков, против Србите лентата ќе ја носи Бобан Николов, а против Португалија предводник на селекцијата ќе биде Давид Бабунски. Но, напомената е многу важна, дека меѓу „хероите“ нема подвоеност, и сите тие се еднакви!

Се вчитува...