По едномесечната летна пауза, натпреварите во Формула 1 продолжуваат овој викенд со трката за ГН на Белгија на патеката „Спа“. Но, неизвесно е дали на „Спа“ ќе се појави и тимот на Форс Индија. Постои опасност Форс Индија да ја пропушти оваа трка бидејќи не е дефиниран правниот статус на тимот, по банкротот и промената на сопственикот.
Тимот беше ставен под финансиски надзор пред трката во Унгарија минатиот месец. За време на паузата во Ф1, Форс Индија беше купена од конзорциумот предводен од канадскиот милијардер Лоренс Строл, татко на возачот на Вилијамс, Ленс Строл.
Продажбата го спаси тимот и 400 луѓе кои се вработени таму, но, правно работите се уште не се завршени и Форс Индија со нерегулиран правен статус не може да се натпреварува во Ф1 и најверојатно ќе ја пропушти неделната трка за ГН на Белгија.
За да биде договорот завршен, енопходна е согласност од 13 индиски банки кои се доверители на компанијата. Проблемот е што согласноста од сите доверители не е собрана навреме и сега Строл формално ги поседува акциите на тимот, но нема право на нив. Односно, новиот конзорциум располага со целата база, вклучувајќи ги и болидите на Перез и на Окон, но ако сака да се натпреварува, тоа ќе може да го реализира само под ново име. Дури кога сите доверители ќе дадат согласност, Строл ќе може да ја користи марката Форс Индија.
ФИА ја разгледува правната ситуација и конечното решение ќе биде познато пред утрешните тренинзи на „Спа“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА