Форс Индија продолжува во Ф1 со ново име

Тимот на Сахара Форс Индија е преименуван во Рејсинг Поинт Форс Индија и под тоа име како нов тим ќе настапи на неделната трка за ГН на Белгија на патеката „Спа“. Промената формално значи дека тоа е нов тим и сите 59 бода на Форс Индија ќе бидат избришани од Ф1 шампионатот.

Рејсинг Поинт овој викенд стартува формално како нов учесник во Ф1 шампионатот. Возачите Серхио Перез и Естебан Окон, сепак, си ги задржуваат освоените поени во генералниот пласман на возачи.

Во официјалното соопштение од ФИА се посочува дека е поведена дисциплинска истрага со која е утврдено правно несогласување со правилникот, по промената на сопственоста во тимот и тоа налага исклучување на Сахара Форс Индија. Промената на името беше неопходна бидејќи новиот сопственик не успеа да стекне право на брендот заради проблемите со законот што ги има претходниот сопственик Виџеј Малаја и со 13 индиски банки кои се доверители.

Конзорциумот предводен од Лоренс Строл ги откупи сите други активи освен името – фабриката, целиот персонал од 400 луѓе и болидите. Болидите успешно ја поминаа новата инспекција и Перез и Окон ќе може да се натпреваруваат во преостанатиот дел од сезоната. Единствената разлика е што сега ќе настапуваат за Рејсинг Поинт.

Од ФИА изразуваат задоволство од позитивната разврска на ситуацијата и спасувањето на тимот по прогласениот банкрот. Претседателот на ФИА, Жан Тод му посака „добредојде“ на новиот учесник во Ф1.

Се вчитува...