ФОТО/ ВИДЕО: Дејан Савичевиќ и Мехмед Баждаревиќ највеселите на прославата на „Мундијалот на пријателството“ во Улцињ!

Изминатиов викенд во Улцињ, Црна Гора, се одржа „Мундијалот на пријателството“ кој претставува собир на најдобрите спортисти од поранешна Југославија, репрезентативци во колективните спортови но и медалисти од Олимписките игри а кои оставиле силна трага во екс-југословенскиот спорт. Меѓу нив и легендите на македонскиот спорт, златниот олимписки шампион Шабан Трстена и поранешниот југословенски и македонски фудбалски репрезентативец Драган Канатларовски кои беа македонските претставници на собирот.

„Ова е собир со кој сакаме да ги избришиме границите, да се потсетиме на деновите кога илијадници врвни спортисти носеа бројни медали за Југославија која беше една од најмоќните спортски нации во Европа и во светот“ – истакнаа спортистите од Црна Гора, Србија, Хрватска, БиХ, Словенија и секако Македонија претставувана од Шабан Трстена и Драган Канатларовски.

По дневната манифестација, собирот заврши и со заедничка прослава на прославените југословенски спортски имиња, на која, пак, меѓу највеселите беа фудбалската легенда од БиХ, Мехмед Баждаревиќ кој беше член на репрезентација на Југославија на СП 1990 која го освои петтото место под водство на Ивица Осим.

Не помалку расположен беше и претседателот на Фудбалскиот сојуз на Црна Гора, Дејан Савичевиќ, кој доби и подароци од македонските претставници на оваа манифестација, кој не криеше дека е пресреќен што повторно може да ги сподели прекрасните сеќавања од славните моменти со поранешните колеги од Југославија. На манифестацијата присуствуваше и поранешниот премиер на Црна Гора, Дритан Абазовиќ.

Оваа манифестација по вторпат годинава се одржа во Улцињ, со најава за традиционално продолжување на истата и следната година.


Се вчитува...