ФОТО: Ѓорѓи Христов повторно на местото на историјата – Пред 29 години се радуваше на 1-11, а сега во Лихтенштајн во нова улога!

Македонија денеска од 15 часот во Вадуц против Лихтенштајн го очекува стартот на новиот квалификациски циклус за пласман на СП 2026.

А, Македонија и македонската фудбалска репрезентација, засекогаш ќе го памети Лихтенштајн и 9 ноември 1996 година по најубедливата победа во историјата на македонскиот фудбал. Во Ешен, во квалификациите за СП 1998, Македонија триумфираше на гостувањето против Лихтенштајн со неверојатни 1-11. Еден од актерите на историската победа од пред 29 години е и Ѓорѓи Христов кој беше и стрелец на еден од погодоците во убедливиот триумф. Покрај Христов, хет-трик на мечот постигна Дејви Главевски, по два гола запишаа Митко Стојковски, Саша Ќириќ и капитенот Тони Мицевски, а еден постигна и Ванчо Мицевски.

Христов денеска повторно е во Лихтенштајн, сега како технички директор во ФФМ задолжен за младите селекции.

Според неофицијалната статистика на ФИФА, оваа победа на Македонија е во десет највисоки победи во историјата на светскиот репрезентативен фудбал на официјални квалификациски натпревари за Светско првенство!

Македонија против Лихтенштајн тогаш настапи во следниот состав: Данчо Целески, Гоце Седлоски, Митко Стојковски, Љупчо Марковски, Игор Саша Николовски, Влатко Гошев, Тони Мицевски (како капитен), Срѓан Захариевски, Ѓорѓи Христов, Саша Ќириќ и Дејви Главевски. Во вториот дел во игра влегоа и Саше Милошевски, Ванчо Мицевски и Тони Наумоски.

Се вчитува...