Килијан Мбапе беше брилијантен во двомечот меѓу ПСЖ и Реал Мадрид, се запиша меѓу стрелците и на „Паркот на принцовите“ и на „Сантијаго Бернабеу“, но тоа беше недоволно за „светците“ да го елиминираат најтрофејниот европски клуб.
ПСЖ имаше контрола над играта, но серијата катастрофални грешки во одбранбената линија значеше ново европско „самоубиство“ на францускиот гигант, кој и оваа година останува без толку посакуваната круна во ЛШ. Мбапе не ја криеше желбата и мотивацијата да биде дел од генерацијата што ќе го донесе првиот европски трофеј во Париз, но од денеска веќе е јасно дека тоа е невозможна мисија.
Тој на дело го виде победничкиот дух на Реал Мадрид, откако „кралевите“ и покрај подредената улога на теренот во првото полувреме, сепак најдоа начин да направат пресврт и да стигнат до четвртфиналето.
Фудбалерите на Реал по дуелот го тешеа Мбапе, свесни дека наскоро ќе го имаат Французинот за свој соиграч, од почетокот на летниот преоден рок.
А Французинот видно разочаран, дефинитивно едвај ќе чека да заврши оваа сезона за што поскоро да си замине од Париз. Сега кога тимот е елиминиран од ЛШ, може да се очекува и официјална објава од Реал за преддоговорот со извонредниот голгетер, што ќе стане валиден договор на 1 јули.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

