ФОТО: Реал Мадрид ќе има вистински дрим-тим во сезоната 2024/25

Реал Мадрид и оваа сезона делува застрашувачки, „кралскиот клуб“ е прв во домашното првенство, делуваше сигурно во групната фаза од Лигата на Шампионите, а во меѓусебните пресметки два пати ја совлада Барселона. Сепак, Флорентино Перез нема намера да запре со мегазасилувањата откако летово имаше полн погодок со Белингем, па првиот човек на Реал Мадрид планира со тројца нови фудбалери да создаде победничка машинерија од својот тим.

Првиот е добро познат – Килијан Мбапе веќе подолго време преговара со Реал Мадрид и сосема извесно е дека Французинот конечно ќе пресече во полза на „кралевите“ и летово како слободен играч ќе се пресели на „Сантијаго Бернабеу“. Голгетерот се покажа како исклучително тежок преговарач, но Перез е решен да го затвори овој трансфер и да го донесе големиот ас во своите редови, ангажирајќи „деветка“ што со години ќе биде кошмар за противниците на Реал Мадрид, како на шпанската така и на европската фудбалска сцена.

Второто засилување што ќе пристигне во Мадрид е Алфонсо Дејвис, левиот бек на Баерн Минхен. „Кралевите“ веќе извесно време флертуваат со канадскиот репрезентативец, тој летово ќе влезе во последната година од договорот, па Баерн ќе биде принуден да го продаде за да не дозволи тој во стилот на Алаба да си замине од Минхен и без никаква отштета да се пресели во Мадрид. Позицијата лев бек е една од најтенките во Реал во последните сезони, но со Дејвис „кралевите“ ќе добијат одличен офанзивен бек кој не крие дека сонува за трансфер од соништата на „Сантијаго Бернабеу“.

Листата на големи таленти кои треба да пристигнат во Мадрид ја комплетира тинејџерот Јоро, дефанзивец на Лил кој важи за еден од најпосакуваните фудбалери на пазарот. Тој има клаузула од 60 милиони евра за раскин на договорот со клубот, но Реал се надева на договор за помала отштета, ако се знае дека тој исто како и Дејвис ќе влезе во последната година од договорот со сегашниот клуб.

Ако овие два трансфера се реализираат, Реал ќе има неверојатен дрим-тим за наредната сезона, со Куртоа назад по повредата на голот, одбранбена линија Карвахал – Милитао – Јоро – Дејвис, потоа Чуамени како последен играч за врска во средниот ред крај Белингем и Гулер и неверојатното напаѓачко трио Родриго – Винисиус – Мбапе.

Се вчитува...