Спортот е убав бидејќи во него се случуваат изненадувања, како ова вечерашното кога Металург во лавовска битка успеа да го зеде скалпот на Вардар и да ја прекине доминацијата на „црвено-црните“ во Купот на Македонија. „Металурзите“ имаат сезона за заборав, го загубија и второто место во првенството од амбициозниот Работник, но овој трофеј дефинитивно е слатка утеха, како и мотив повеќе да се продолжи со напорна работа, да се вадат нови млади играчи и со нив да се продолжи приказната што трае со години наназад.
Од друга страна, поразот дефинитивно е шлаканица за Вардар. Во целата ситуација на финансиски колапс јасно беше дека ниту фактот дека е куп-финале нема да биде доволна мотивација за да се одигра стопроцентно, но никој не очекуваше дека „вардарци“ можат толку многу да потфрлат. Ако има нешто позитивно, тоа е дека се случува на дваесет дена пред Ф4 во Келн, со доволно време за отстранување на грешките и враќање на победничкиот дух што ќе биде неопходен против Барселона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА