Македонската репрезентација, составен главно од фудбалери од домашното првенство а дополнета и со тројца интернационалци, денеска ги стартуваше подготовките за пријателскиот натпревар со Саудиска Арабија кој не очекува на 22. октомври во Абу Даби.
Милевски за овој собир повика 21 фудбалер, 18 од македонскиот шампионат и интернационалците Дарко Велковски, кој игра во Саудиска Арабија, Мартин Стојанов од бугарскиот прволигаш Септември Софија и Кристијан Тошевски од Тирана, Албанија.
„Ни претстои силен контролен натпревар против Саудиска Арабија, репрезентација која е во фаза на последни подготовки за Светското првенство. Ова ќе биде одлична можност за повиканите фудбалери на терен да се соочат со квалитетен противник, а ние како стручен штаб, реално да го видиме потенцијалот и квалитетот на фудбалерите кои сметаме дека се во најдобра форма во моментот во нашата лига. Нашата намера беше да ги повикаме и Мартин Мирчевски (ТСЦ, Србија), Марко Симоновски (Дрита, Косово), Сефер Емини (Сондерјиске, Данска), Томче Гроздановски (Злате Моравце, Словачка) и голманот Беким Реџепи (Партизани Тирана, Албанија), но дел од нив не добија дозвола од своите клубови бидејќи натпреварот ќе се одигра надвор од ФИФА термин за пријателски мечеви, а некои се опоравуваат од повреда. Со нас ќе биде Дарко Велковски на кого му требаат натпревари за да влезе во права натпреварувачка форма, а шанса ќе добијат и Мартин Стојанов и Кристијан Тошевски. Се надеваме дека сите повикани фудаблери ќе одиграат максимално сериозно и ќе остават позитивен впечаток“ – истакна претходно селекторот Милевски пред собирот за тестот во Абу Даби.
Репрезентативците ќе одработат уште еден тренинг утре претпладне во Скопје, а потоа во попладневните часови се патува за Абу Даби каде ќе се реализираат тридневни подготовки пред натпреварот со Саудиска Арабија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА