Кошаркарите на Пелистер и во вториот меѓусебен натпревар со македонскиот шампион МЗТ Скопје сезонава и до втора победа (66-72)! Вечерва среде Аеродром во „Јане Сандански“ гостите од Битола до повеќе од заслужена победа за уште една лекција за „металците“.
МЗТ сезонава во 14 натпревари има само два порази – и двата од Пелистер. Овој пат „пелистерци“ на крилјата на МВП-Андреј Магдевски кој имаше извонредна партија. Само две асистенции му недостасуваа на Магдевски да заврши со „трипл-дабл“ ефект по оние 20 поени и 11 скока, на најдобар можен начин дополнувајќи ја одличната тактичка подготвеност на екипата на Дарко Радуловиќ.
Очигледниот мотив плус, максималната тактичка подготовка, поголемата желба за победа и интенцијата за приклучок на врвот од табелата беа повеќе од доволни моменти за Пелистер да ги однесе бодовите во Битола… Триумфот е уште поголем ако се знае дека битолчани настапија со лимитиран ростер, без Лука Стојановски и двајцата странци кои беа потпишани неодамна, но и со таква екипа го зедоа скалпот на шампионот, како потврда за високите амбиции во оваа сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА