ФОТОГАЛЕРИЈА: Вардар го наплати ланскиот долг, Алкалоид мора да се разбуди

Вардар ја надмина резултатската криза од стартот на плејофот, па „црвено-црните“ вечерва го одиграа својот најдобар меч во доигрувањето, славејќи на гостински терен против Алкалоид со 23-27. Конечниот резултат можеше да биде и далеку поубедлив ако „вардарци“ не се опуштеа предвреме во последните десетина минути, откако во првите 50 имаа целосна доминација, одмаздувајќи се на тој начин за двата пораза од Алкалоид во ланскиот плејоф.

Недановски има на што да биде горд, Томовски блескаше и покажа дека е најдобар голман во лигата, одбраната беше импресивна, а со враќањето на Јапонецот Јасихура „црвено-црните“ добија на квалитет и во нападот, најавувајќи дека во топ-форма ќе го дочекаат клучниот дел од сезоната.

На спротивната страна, во таборот на Алкалоид веќе станува јасно дека ќе мора што поскоро да дојде до „будење“, бидејќи втор меч по ред избраниците на Кире Лазаров не само што губат, туку уште во првото полувреме капитулираат против екипи кои им се директни ривали за висок пласман. Немоќта на бековската линија против цврста противничка зона станува сериозен проблем за „сино-белите“ од Автокоманда, кои зимава не беа премногу активни на пазарот, што може сериозно да им се одрази врз пласманот на табелата.

Се вчитува...