Франција е новиот европски шампион, Данска „падна“ во трилер-дуелот во „Ланксес Арена“

Франција е новиот шампион на Европа откако во драматичното финале успеа да го совлада светскио првак Данска со 33-31, во завршницата што беше решена со две продолженија од по пет минути. Клучен момент беше будењето на Дика Мем, кој постигна два гола во второто продолжение откако дотогаш немаше ниту еден единствен погодок зад своето име. На спротивната страна, Данска и со „седум на шест“ се мачеше против цврстата француска одбрана во продолженијата, па „триколорите“ благодарение на извонредната борбеност и залагање од првата до последната минута на крајот стигнаа до победата.

Финалето почна со израмнета игра на двете страни, по првите десет минути Французите имаа предност од 5-4, иако „триколорите“ имаа две исклучувања во овој период (најпрвин Фабрегас, а потоа и Дика Мем). Француските ракометари поведоа и со 6-4, но потоа во ритам влезе Нилсен со два одбранети зицера, по што Гидсел стрелаше прецизно и со својот трет гол ја врати Данска во водство (6-7). Серијата на Данците продолжи и светските прваци набрзина стигнаа и до „плус три“ (6-9), серија што ја прекина Наи со гол од крило. Хансен беше надвор од ритам во првото полувреме, па по неговите две промашувања француските ракометари израмнија на 9-9, а Николај Јакобсен го зеде првиот тајмаут на натпреварот. Француската одбрана функционираше одлично, неколку важни одбрани имаше и Беласен, но Данска на голот го имаше извонредниот Нилсен (11 одбрани во првото полувреме), па на пауза се замина со израмнети 14-14.

Нилсен го продолжи своето шоу и на стартот од второто полувреме, а Данците го искористија тоа за во 35. минута да поведат со 14-17. „Триколорите“ не се предадоа, благодарение на цврстата одбрана се вратија во мечот и намалија на само еден гол разлика (17-18).  Гидсел презеде одговорност во нападите на Данска, даваше голови, изнудуваше пенали и исклучувања, по што Данците на 12 минути до крајот поведоа со 20-22, со петтиот реализираен седмерец на Микел Хансен. Француските ракометари собраа сили за целосен пресврт, Јакобсен го замени Нилсен со Ландин на голот, но по погодокот за водство на Франција од 25-24 на Мае данскиот селектор беше принуден да побара нов тајмаут.

И кога беше најважно, Данска тргна со „седум на шест“ и на сцена стапи Микел Хансен, со два гола иод игра носејќи водство на Данците од 25-26. Гидсел постигна важен гол со играч помалку за 26-27, по што Ремили не искористи напад за Франција со ракометар повеќе, на две минути до крајот. При плус еден и напад за својата селекција Јакобсен го зеде и последниот тајмаут, но Данците ја загубија топката поради нерешителноста на Гидсел, по што Фабрегас казни со гол за израмнување на 27-27, на 30 секунди до крајот. Гидсел беше неутрализиран и во последниот напад, па Французите се одбранија и финалето мораше да биде решено со продолженија.

Данска тргна со „седум на шест“ во дополнителниот период, и со таква тактика се мачеше против цврстата француска одбрана, па првото продолжение заврши со израмнети 29-29 по новиот погодок на Фабрегас. Дика Мем цели 65 минути беше без постигнат гол во финалето, но одличниот десен бек погоди во првиот напад од второто полувреме, носејќи предност на Франција од 30-29, а една минута подоцна повторно стрелаше прецизно за 31-29. Хансен од седмерец намали на 31-30 на 80 секунди до крајот, но Пранди беше херојот на Франција со гол на триесет секунди до крајот за 32-30. Гидсел постигна среќен гол за 32-31 по катастрофалната интервенција на Беласен, но Лен на асистенција на Пранди ги постави конечните 33-31, за голем триумф на Франција и враќање на тронот на европскиот ракомет по пауза од дури десет години.

Лудовик Фабрегас беше прв стрелец на Франција со осум гола, пет постигна Ремили, а по четири Лен, Пранди и Наи. На спротивната страна, Хансен беше најефикасен со девет погодоци, осум гола од осум обиди имаше Гидсел, додека пет гола постигна Питлик, сепак недоволно за Данците да ги обединат светската и европската ракометна круна.

Се вчитува...