ЕКИПА во Мец,
Стеван Цаневски, Билјана Б.Петрушева
Домаќинот Франција предводена од неповторливиот Тиери Омејер супериорно го отвори 25.Светско ракометно превенство и го декласира Бразил со 31-16.
Искусниот француски голман запиша 14 одбрани во првиот дел, ги откажа Бразилците и практично, го реши победникот уште во првото полувреме кое заврши со +10 (17-7) за Франција. Во првите 18 минути од натпреварот репрезентацијата на Бразил успеа да постигне само три гола. Бразилците немаа решение за француската одбрана и за секогаш инспирираниот Омејер.
Доминацијата на Франција во исто темпо продолжи и во второто полувреме со Жерар на голот. На средината од полувремето домаќините на мундијалот ја зголемија предноста на 26-10. До крајот Франција рутински ја одржуваше предноста, што му овозможи на Дидие Динард кој го наследи Клод Онеста на клупата, да им даде шанса на сите играчи. Точка на натпреварот стави голманот Винсент Жерар со погодок преку целиот терен за конечните 31-16.
Бекот Валентин Порте со шест гола беше најефикасен во составот на Франција, а Толедо со пет погодоцио ја предводеше селекцијата на Бразил.
Покрај Франција и Бразил во групата А се уште и селекциите на Норвешка, Русија, Полска и Јапонија. Во другите натпревари од првото коло во оваа група играат: Русија – Јапонија и Полска – Норвешка.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА