ЕКИПА на ЕП во Хрватска,
Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски
Тиери Омејер ја заврши репрезентативната кариера, но многу лесно може да се случи извонредниот голман повторно да го облече дресот на Франција, и тоа во самата завршница од овој европски шампионат. Причина за ова е повредата на првиот голман Винсен Жерар, кој се пожали на болка во палецот и беше заменет во првото полувреме од дуелот со Србија.
Думулан речиси сигурно ќе биде прв голман на Франција на утрешниот дуел против селекцијата на Хрватска, но селекторот Динар многу сериозно ја разгледува опцијата потоа во тимот за полуфиналето во составот да го вклучи и Омејер. Голманот на ПСЖ се најде на поширокиот список на Динар, одлуката што беше толкувана како „за секој случај“, но доколку биде утврдено дека Жерар не може да се опорави навреме, ситуацијата сигурно ќе стане алармантна за „триколорите“.
Француските медиуми тврдат дека прва опција останува Жерар, но доколку тој не биде „фит“ во следните два дена, камбекот на Омејер би бил сосема реална опција.
Едно е сигурно, Французите немаат право да менуваат ништо за претстојниот дуел со Хрватска, со оглед на фактот дека веќе го искористија правото на две замени за оваа фаза од шампионатот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА