Франција испадна по невидена драма: Германците не се откажаа и со луд пресврт стигнаа до победа

Германија е вториот полуфиналист на ракометниот турнир на ОИ во Париз откако во невидена драма успеа да слави над Франција со 35-34, по продолженијата од два пати по пет минути. Французите не знаеја да ја искористат неверојатната партија на голманот Жерар и неговите 24 интервенции, губејќи веќе добиен натпревар во кој имаа два гола предност на десетина секунди до крајот. Дика Мем беше трагичарот со загубената топка во самиот финиш со која Германците преку Ушчинс стигнаа до продолжение, а потоа и до победа.

Почетокот мина во знакот на француските ракометари, згора на тоа Волф немаше свој ден на голот на Германија, па откако прими девет гола без ниту една одбрана новиот голман на Кил беше повлечен. „Триколорите“ веќе имаа обезбедено предност од четири гола, но влегувањето на Шпет ја врати сигурноста во германската одбрана. Франција имаше 17-14 на одмор и удобната предност ја чуваше до 25-22. Тогаш „триколорите“ се соочија со огромни проблеми во нападот, осум минути не постигнаа ниту еден гол, а Германија го искористи тоа и поведе со 25-26.

Жерар бранеше одлично, а кога Дика Мем погоди за 29-27 на триесетина секунди до крајот се чинеше дека победникот е решен. Сепак, Германците никогаш не се предаваат, тоа го докажаа и денеска, најпрвин намалија од пенал на шест секунди до крајот, а потоа украдоа топка по грешката на Дика Мем и преку Ушчинс со звукот на сирената израмнија на 29-29.

Продолжението исто така беше супер-драматично, во израмнета игра Ремили успеа да израмни на петнаесетина секунди до крајот, но Ушчинс беше повторно херојот на Германија, со гол од десен бек за конечни 34-35 за германскиот национален тим.

Се вчитува...