ЕКИПА на ЕП во Хрватска,
Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски
Франција е првиот полуфиналист на ЕП 2018 откако „триколорите“ во петтиот меч ја забележаа и својата петта победа, над селекцијата на Србија со убедливи 39-30.
Актуелните светски шампиони одиграа беспрекорно, успевајќи уште во првото полувреме да го скршат отпорот на противникот. Мора да се истакне црвениот картон што веќе во втората минута го заработи Мијајло Марсениќ за старт над Квентин Мае, најрано исклучување на ракометните мундијали, по што ракометарот на Вардар остатокот од мечот го следеше од трибините.
Мечот беше израмнет само во првите петнаесет минути, кога по израмнувањето на 7-7, Французите направија 12-5 во крајот на полувремето, па на одмор заминаа со израмнети 19-12. Вторите 30 минути беа рутина за избраниците на Динар, кои лесно го контролираа резултатот и на крајот славеа со конечни 39-30.
Лука Карабатиќ и Кошето беа најефикасни со по седум погодоци, Мае и Никола Карабатиќ постигнаа по четири, додека најдобар стрелец на Србија беше Зеленовиќ со седум постигнати гола.
Франција без оглед на резултатите од последното коло има во џебот полуфинален билет, па светските прваци без притисок ќе влезат во дуелот од последното коло против Хрватска, на кој „коцкестите“ ќе бркаат победа од три гола за сигурен пласман во полуфиналето.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА