Следната сезона во шампионатот во Формула 1 ќе се вози 21 трка, една повеќе во однос на годинава. На календарот на Ф1 за 2018, како што објави ФИА, се враќаат трките за ГН на Франција и за ГН на Германија, а од шампионатот отпаѓа трката за ГН на Малезија.
Франција се враќа во трките од Ф1 прв пат по 2008 година, а трката ќе се вози на патеката Ла Кастел на 24 јуни. Овој датум е одреден за да не се преклопува со трката „24 часа Ле Ман“ која следната година ќе се вози на 16 и на 17 јуни. Но, тоа воедно ќе значи и дека прв пат во историјата на Ф1 ќе се возат трки три викенди по ред, бидејќи по трката за ГН на Франција, на 1 јули ќе се вози трката за ГН на Австрија, а на 8 јули е трката за ГН на В.Британија.
Од следната сезона во Ф1 шампионатот се враќа и трката за ГН на Германија. Таа ќе се вози на патеката Хокенхајм на 22 јули.
Традиционално, сезоната во Ф1 ќе стартува со трката за ГН на Австралија во Мелбурн на 25 март, а последна на календарот е трката во Абу Даби на 25 ноември.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА