Франциско: Добив над 3.000 расистички пораки по мечот со Словенија

Францускиот репрезентативец Силван Франциско обелодени дека добил огромен број на пораки со расистички навреди по дуелот против Словенија во која тој беше во главна улога.

Асот на Жалгирис за првпат во кариерата постигна над 30 поени во репрезентативниот дрес, но навлече бурни реакции поради последната акција, кога најпрвин се поздрави со Лука Дончиќ, а додека останатите играчи се поздравуваа тој тргна на кошот и положи, по што следеше мешаница меѓу кошаркарите на двата тима.

„Беше навистина лудо, по тој меч со Словенија добив над 3.000 пораки со расистички навреди. Вистинска срамота, слободно може да ме критикувате како играч, но кога станува збор за бојата на мојата кожа, нема да го дозволам тоа“, истакна Франциско.

Французинот не го крие разочарувањето и од реакцијата на ФИБА Европа, откако од куќата на кошарката објавија само едно соопштение за борба против расизмот, во кое воопшто не беше споменат тој со име, ниту пак гласно осуден целиот инцидент.

„Кога ќе се случи на некоја НБА-ѕвезда, веднаш бурно се реагира. Сега, само затоа што јас не сум толку познат се е потивко. Тоа е неприфатливо, вакви сериозни проблеми мора да се решаваат секогаш на ист начин, без разлика кој е жртвата. ФИБА не направи доволно, сакам да се направи нешто повеќе од една обична објава. Сериозно размислувам да поднесам официјална жалба“, обелодени францускиот плејмејкер.

Се вчитува...