ЕКИПА на ЕП во Хрватска,
Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски
Домашната репрезентација на Хрватска е елиминирана од ЕП 2018 откако во денешниот клучен натпревар против Франција селекторот Червар и неговите избраници капитулираа пред актуелниот светски првак. Поради победата на Норвешка над Шведска, Хрватите не мораа да бркаат победа од три гола, туку и реми им беше доволно за полуфинале, но притисокот се покажа преголем, па „коцкестите“ ги одиграа своите најслаби 30 минути на ова првенство. Ниту поддршката од над 15.000 фанови не беше доволна за Червар и Хрватска да одговорат на овој предизвик, па стратегот на Металург неславно го заврши својот камбек на клупата на националниот тим со кој освои бројни трофеи.
Битката беше загубена уште во првото полувреме, во кое Червар падна на својот експеримент „седум на шест“, во клучните моменти Французите постигнаа неколку гола во низа во празна мрежа, па на одмор заминаа со преубедливи 19-13. Хрватите успеаја да се вратат во второто полувреме, пред се благодарение на фанатичната одбрана, намалувајќи на само два гола разлика на девет минути до крајот (26-24). Циндриќ погоди за 26-25, но тоа беше се што домаќините успеаја да сторат, Французите се вратија во посакуваниот ритам во самиот финиш и на крајот триумираа со конечни 30-27.
Ремили ја предводеше Франција со шест гола, пред Мае со пет и Гигу со четири погодоци, додека кај Хрватска на посакуваното ниво беа само крилата Штрлек (шест) и Чупиќ (пет погодоци).
Шпанија ја доби битката со Германија со убедливи 31-27, за освојување на второто место во групата во Вараждин и елиминација на актуелниот европски првак од битката за медали. По првото полувреме „црвената фурија“ водеше со минимални 14-13, но потоа Германците влегоа во сериозна криза, повеќе од тринаесет минути не постигнаа гол, не им функционираше ниту играта „седум на шест“, па Шпанија неколку пати реализираше во празна мрежа. Европските прваци предоцна се разбудија, па „црвената фурија“ рутински го приведе мечот до крај, за конечни 31-27.
Балагер со шест и Соле со пет гола беа најефикасни кај Шпанците, каде одличен беше и голманот Коралес, со десет одбрани во второто полувреме.
По ваквиот расплет на настаните, во полуфиналето в петок силите во „Арена“ во Загреб ќе ги одмерат Шпанија и Франција, односно Данска и Шведска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА