Репрезентацијата на Франција го освои бронзениот медал на Европското ракометно превенство во Хрватска. Во натпреварот за 3.место, актуелните светски шампиони ја победија Данска со 32-29 . Французите во поголем дел од натпреварот беа во предност и имаа, имаа контрола на играта и на крај стигнаа до победа за утешната „бронза“ на ЕП во Хрватска.
Двете репрезентации кои важеа за главни фаворити за титулата, но изненадувачки беа сопрени во полуфиналето, одиграа изедначено прво полувреме во кое и Данците и Французите неколку пати се сменуваа во водство со 1-2 гола. Први до поголема предност дојдоа Французите кои во финишот на полувремето направија серија од 6-1 и на две минути пред крај поведоа со 16-12, а на одмор заминаа со предност од 17-14. Во овој дел одлично функционираше нападот на Французите и Сирил Думулин на голот.
Французите ја задржаа предноста и контролата на играта и во вториот дел. Данска успеа да ја намали негативата на два гола на стартот од последната четвртина кога Мортенсен погоди за 24-22. „Триколорите“ веднаш го засилија темпото, постигнаа пет, а примија само еден гол и одново се одлепија на сигурна предност од 28-23. Нова закана од Данците дојде во 52.минута кога искористувајќи ги неколкуте грешки на противникот повторно дојдоа на два гола негатива со погодокот на Линдберг од контра за 28-26. Но, тогаш Никола Карабатиќ ги презеде работите во свои раце и ја одржуваше предноста на Франција. Данците во финишот се обидоа со пресинг да направат пресврт, сепак Франција имаше сигурна предност и на крај славеше победа за медал.
Никола Карабатиќ со девет гола ја предводеше Франција до победата за 3.место и го доби признанието за најдобар играч на натпреварот. Ефикасен настап во составот на Данска имаше Ханс Линдберг со 12 гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА