Французите не менуваат: Жил останува на чело на „триколорите“

Франција го загуби четвртфиналето од ОИ во Париз, „триколорите“ цела групна фаза ја одиграа далеку под своите можности, а судбината сакаше во својот најдобар меч на овие Олимписки Игри да претрпат несреќен пораз.

За потсетување, „триколорите“ имаа водство од два гола на десетина секунди до крајот против Германија, но почетничката грешка на Дика Мем им помогна на Германците да се вратат и да го одведат мечот во продолженија, каде успеаја и да слават и да се пласираат во полуфиналето.

Француските медиуми го критикуваат селекторот Гилјом Жил за слабите изданија на националниот тим на ова натпреварување на домашен терен, но првиот човек на федерацијата, Филип Бана, отворено му изрази поддршка на селекторот јасно ставајќи до знаење дека нема да има смена во наредниот период.

„Ние во францускиот ракомет немаме навика да ги одилизираме тренерите кога ќе победуваат и потоа да фрламе со дрва и камења по нив кога резултатите нема да одат како што посакуваме. За вчерашниот пораз огромен дел од одговорноста е кај ракометарите, кај целокупната самодоверба на репрезентативците на овие ОИ. Како и да е, немаме намера ниту да разговараме за иднината на селекторот, јасно е дека тој останува. За нас тренерите се како добри вина, стануваат се поквалитетни како што одминуваат годините“, изјави Бана.

Се вчитува...