Франција очекувано лесно и рутински славеше на дуелот против Иран со убедливи 41-29, резултат со кој „триколорите“ си го обезбедија пласманот во четвртфиналето од СП 2023. Избраниците на Веселин Вујовиќ парираа само во првите десетина минути, а првото полувреме се играше нешто подолго откако кон средината на овој дел од мечот еден од судиите заработи повреда на мускулот и мораше да биде заменет.
Французите одлично го одиграа финишот од полувремето, на одмор заминувајќи со предност од 18-14, за фаворитот во вториот дел да стигне и до двоцифрена предност. Турна и Брие со по шест погодоци беа најефикасни кај „триколорите“, во чии редови на овој меч воопшто не настапија Дика Мем и Никола Карабатиќ. По овој триумф, Франција и Шпанија сега во меѓусебен дуел, в недела ќе решаваат за освојувачот на првото место во оваа група.
Унгарија во неизвесен меч ја совлада селекцијата на Бразил со резултат 28-25, седма победа за Унгарците на седмиот дуел во историјата против „кариоките“. Првото полувреме беше максимално израмнето, на одмор се замина со 14-14, по што Унгарците во вториот дел успеаја резултатски да се одлепат и да поведат и со четири гола предност. Бразилците се вратија откако унгарските ракометари неколку пати ја погодија рамката од голот на „кариоките“ и шест минути беа без постигнат погодок, резултатот се истопи на само 25-24, на три минути до крајот. Миклер одбрани брилијантно при еден контранапад на Бразилците при 25-24, по што Лекаи погоди на спротивната страна и го трасираше патот до победата, запечатена со нови два гола на Мате Лекаи.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА