Фрчат казни во МЗТ: Кошаркарите и тренерите ќе земат по пола плата

Раководството на МЗТ Скопје ги казни кошаркарите и членовите на стручниот штаб со 50% од месечните примања. Актуелниот првак на Македонија се решава на ваков потег согласно Дисциплинскиот правилник, по очајните игри и последното место во АБА-лигата. Воедно, „металците“ објавија и дека имаат максимална доверба во тренерот Жељко Лукајиќ, кој останува на чело на аеродромци до крајот на сезонава.

Соопштението на МЗТ Скопје го пренесуваме во целост:

 

Лошите резултати остварени сезонава во АБА-лигата, каде што дојдовме до само три победи и завршивме на последното место, како и во досегашниот дел од домашното првенство во кое веќе имаме шест порази, се причините поради кои управата на МЗТ Скопје Аеродром донесе одлука за казнување на кошаркарите и на тренерите со 50-отсто од нивните месечни примања.

Ова е мерка предвидена во Дисциплинскиот правилник на клубот, која се надеваме дека позитивно ќе делува кај играчите и членовите на стручниот штаб во пресрет на одлучувачкиот дел од шампионатот на Македонија во кој ја бркаме седмата титула по ред. Кошаркарите и тренерите се свесни дека остварените резултати во досегашниот дел од сезоната се под очекувањата и реномето на МЗТ Скопје Аеродром и најавуваат далеку подобри игри со цел да ги остварат целите на клубот, а со тоа да донесат радост кај нашата навивачка армија.

Истовремено, луѓето кои го предводат тимот од Аеродром би сакаат да ја потврдат довербата која ја имаат во тренерот Жељко Лукајиќ, чие место на клупата воопшто не е загрозено. Тој ја има максималната поддршка на сите во клубот за до крајот на сезоната, што дефинитивно треба да биде мотив плус за него, но и за неговите избраниците брзо да ја надминат кризата и да почнат да играат онака како што знаат и како што од нив очекуваат сите на кои низ вените им тече сино-бела крв.

МЗТ Скопје Аеродром веќе утре ќе ги одмери силите на домашен терен со Кожув, а до крајот на првата фаза од Првата лига ќе одиграме уште два меча и тоа на гости кај АВ Охрид и кај Пелистер. Потоа следува она вистинското, Суперлигата со шесте најдобри екипи до која имаме сосема доволно време за влегување во посакуваната форма за остварување на главната цел сезонава – одбраната на шампионскиот трофеј.

Се вчитува...