Фрчат критики за Французите – „Исчезна магијата на светските шампиони“

Светскиот шампион Франција во одбрана на титулата на СП во Германија и Данска, тргна со скромна победа против Бразил со 24-22 во првиот натпревар во групата А во Берлин.

Резултатот, но пред се играта на „експертите“ во берлин наиде на лавина критики во француските медиуми.

„Големо темно синило“ е насловот на текстот во престижниот „Л’Екип“ за синоќешниот настап на Французите. Играта на „експертите“ на Дидие Динарт воопшто не ја импресионира француската ракометна јавност.

„Се надевавме дека ќе се повтори историјата, точно две години откако Франција во Берси го отвори СП 2017 со победа од 31-16 против истиот овој Бразил, после убедливите подготвителни победи против Словенија. Но, откако на разгласот засвире „Марсељезата“ со грешка во воведот, а неколку илјади неутрални навивачи ги стивнаа стотината Французи со поддршка за Бразил, магијата од Берси изгледаше далечна со километри. Десетина илјади Германци се надеваа на шоу на гфранцуската репрезентација. Не останаа разочарани, но шоуто наместо Французите, го приредија Бразилците“ – пишува „Л’Екип“.

Франција прв пат додје во водство дури во 22.минута кога Гигу беше прецизен за 11-10, а откако поведе со 19-13 се чинеше дека е скршен отпорот на Бразил, Но, во следните 11 минути Французите не успеваа да постигнат гол, а Бразил во 48.минута изедначи на 20-20.

Се вратија демоните од првото полувреме, топките лесно се губеа, но како многупати низ историјата, се појави некој и Франција се извлече. Овој пат тоа беше Винсент Жерар кој одбрани три клучни топки. Одбраната одигра добар натпревар, но во нападот многу работи „шкрипеа“. Премалку се играше на крила, а младите играчи не се снајдоа најдобро во некои ситуации. Сепак, сето ова може да падне во заборав со враќањето на Никола Карабатиќ“ – стои во анализата на францускиот весник.

Несигурниот старт на Франција, сигурно бил и една од причните, Никола Карабатиќ да го фати авионот за Берлин и да се врати на терен малку порано од предвиденото по операцијата на стапалото.

Франција денеска (20.30 ч.) го игра вториот натпревар во групата А против селекцијата на Србија.

Се вчитува...