Њукасл и Манчестер Сити ремизираа 3-3 во најдобриот натпревар од стартот на сезоната во Премиер-лигата, дуел што изобилуваше со шанси на двете страни, па поделба на пленот е и најреален исход за пресметката на „Сент Џејмс Парк“.
Дуелот почна одлично за „граѓаните“, кои на самиот почеток поведоа преку Гундоган, при 0-1 стопроцентна шанса промаши Де Бруине, а потоа следеше супер-пресврт на домаќините. Алмирон најпрвин промаши зицер од седум метри, но истиот фудбалер одлично се снајде неколку минути подоцна и израмни на 1-1. Извонредниот контранапад значеше и асистенција на Сен Максиман до Вилсон, а напаѓачот на Њукасл мајсторски го совлада Едерсон.
Манчестер Сити делуваше шокирано, а „црно-белите“ го искористија тоа за да постигнат и трет гол, ремек-дело од слободен удар на Трипие.
Сепак, големината на „граѓаните“ се гледа кога тие ќе се отпишат, па така избраниците на Гвардиола за само неколку минути се вратија, Халанд намали на 3-2, а Бернардо Силва беше стрелец на погодокот за 3-3 што ги замолкна домашните навивачи на „Сент Џејмс Парк“.
Сити тргна во офанзива да постигне и четврти гол, но не искористи неколку полушанси, па овој дуел заврши без победник.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

