Фудбалерите на Борец застанаа зад Анѓушев: Не го уништувајте нашиот клуб!

Фудбалерите на велешкиот прволигаш Борец застанаа зад сопственикот на клубот Кочо Анѓушев, по неодамнешните негови најава, за време на Собранието на општинскиот фудбалски сојуз во Велес, за повлекување од клубот.

Анѓушев најави заминување од клубот откако на Собранието во Велес не се избра ниту еден претставник на ФК Борец како дел од четирите делегати што ОФС Велес ги има во Собранието на ФФМ. По неговиот настап, во кој се впушти во војна со ФФМ, поддршка за него дадоа и од навивачката група „Гемиџии“ а сега се огласи и самиот клуб.

„Деновиве сме сведоци на разни теми и случувања околу темата ФК Борец. Ние како играчи во клубот максимално стоиме и го поддржуваме нашиот претседател во сите одлуки. Воедно, упатуваме апел да не се стои на патот на успешниот проект кој ќе носи многу успех и радости во Велес и спортот, а секако најголем „виновник“ е компанијата Брако, која што има многу финансии за Борец да биде тоа што е денес. Ние како професионалци нашите обврски ги исполнуваме во целост и се подготвуваме за првенството во кое очекуваме голем заеднички успех на ФК Борец, градот Велес и секако нашиот дванаесетти играч, навивачката група „Гемиџии’ која што дава максимална поддршка до нас и сопственикот на клубот. Целата ситуација не загрижува нас играчите, сите работници во клубот и навивачите. Се надеваме дека проблемот ќе биде решен во најкраток период и нема да останеме на цедило. За доброто на Велес, на ФК Борец и спортот. Велес е Борец, Борец е Велес“ – се вели во официјалното соопштение на фудбалерите на велешкиот клуб.

Се вчитува...