Фудбалерите на Кожуф стартуваат на 1 јули

Привршува одморот за фудбалерите на Кожуф. Тренерот Филип Деспотовски прозивката за нoвата сезона ја закажа за 1 јули. Кожуф, кој во изминатото првенство на единствената Втора лига на Македонија се пласира во средина на табелата, успеа да го сочува костурот на екипата но и да ангажира пет нови засилувања. Фудбалерите на Кожуф имаат големи амбиции во новото првенство, со желба да се пласираат во горниот дел на табелата иако се свесни дека годинава со враќањето на Брегалница и Македонија од Ѓорче Петров во Втората лига конкуренцијата ќе биде многу посилна од минатото првенство.

За Кожуф потпишаа: Алек Георгиевскии / Детонит/, Јорго Папули /Вардар/, Никола Сарески /Победа/, Дамјан Масевски /Охрид/ и голманот Кристијан Георгиевски, кој се врати во Гевгелија откако  една сезона играше во Германија. Во план се уште три засилувања.

До почетокот на новото првенство закажано за 10 август, Кожуф ќе одигра пет контролни средби, се со цел екипата што подобро да се подготви за новата сезона, одново под раководство на искусниот тренер Филип Деспотовски.

Првата средба е со Силекс на 6 јули во Гевгелија, на 10 со Гостивар во Маврово. На 13 јули во Гевгелија ќе гостува Беласица, на 15 Кожув ќе игра со Слога во Виница. Генералната проба пред есенскиот старт е на 3 август со Вардар од Неготино во Гевгелија. Постои можност на 20 јули во Гевгелија да гостува и романскиот прволигаш Петролул со кого Кожуф има одлична соработка.

Според зборовите на спортскиот директор на Кожуф Ристо Танев финансиската конструкција за новото пренство,благодарејќи на Градоначалникот на Гевгелија е стабилна. Клубот ќе ги реновира терените во селата Мрзенци и Негорски Бањи со нова тревната подлога, за што се обезбедени средства. На овие терени ќе можат да тренираат фудбалерите на Кожув со цел да се зачува теренот на стадионот во Гевгелија. Освен тоа ќе можат да ги користат и другите екипи кои доаѓаат на подготовки во овој дел на Македонија.

М.Мицковиќ

Се вчитува...