Фудбалската репрезентација на Македонија денеска во Струмица на стадионот „Благој Истатов“ ќе одигра пријателски натпревар против селекцијата на Ерменија.
По поразаот од Украина во Прага, пласманот на ЕП 2024 е доведен само во теорија, но секако победата против Ерменија се уште е императив.
Селекторот Благоја Милевски на прес-конференцијата во Струмица, кажа дека за дуелот со Ерменија шанса ќе добијат оние кои ќе треба да го потврдат потенцијалот во националнот тим. Милевски напомена дека после исцрпувачкиот меч во Прага, во селекцијата ќе има соодветни промени.
„За натпреварот против Ерменија ќе им дадеме шанса на фудбалерите во составот кои треба да го потврдат потенцијалот во репрезентацијата. После исцрпувачкиот меч во Прага ќе видиме колку фудбалерите чувствуваат физички замор. Нема повредени и пред натпреварот ќе одлучиме кој ќе започне. Контролниот меч против Ерменија која е квалитетна селекција и одигра одлични квалификации е одлична можност за сите нас да го провериме потенцијалот со кој располагаме. Шанса ќе добијат сите, но ќе одлучиме за минутажата на фудбалерите. Оваа селекција секогаш оди на победа, така ќе биде и утре против Ерменија“, рече Милевски.
Еден од нашите најдобри фудбалери, Елиф Елмас ветува дека сите кои ќе излезат на теренот на стадионот „Благој Истатов“ , ќе го дадат максимумот и ќе атакуваат на победа.
„Играме натпревар со доста добар противник како што е Ерменија. Очекувањата секогаш се да се победи без разлика за каков меч станвуа збор. Како и претходниот меч ќе излеземе сите заедно сплотени и ќе одиграме добар меч и се надевам дека ќе победиме. Ова е важен меч за нас, знаеме против кого играме, така што ќе дадеме максимум. Мислам дека ова ќе ни биде добра контрола“, вели Елмас.
Натпреварот меѓу Македонија и Ерменија кој ќе се игра на стадионот „Благој Истатов“ во Струмица е со почеток во 15 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА