Фудбалерите во Англија едногласни: Не сакаме војни, Евертон на „Гудисон парк“ ќе повика на мир во Украина

Спортистите не сакаат војни и масовно е барањето за прекин на воените операции во Украина, а на оригинален начин премиерлигашот Евертон ќе се приклучи денеска кон барањето за прекин на војната во Украина.

На сите мечеви што „Карамелите“ ги играат на „Гудисон парк“ вообичаено е најавата да биде со силен звук на сирена што потсетува на аларм за воен напад, а таа денеска ќе биде исклучена на дуелот со Манчестер сити што ќе се игра од 18.30 часот.

Во двата тима има по еден Украинец, кај Евертон Витали Миколенко, а кај Сити, Олександер Зинченко. Менаџерите на двата клуба, Франк Лампард и Пеп Гвардиола објавија дека ќе им остават на своите адути сами да одлучат дали ќе сакаат да играат денеска на „Гудисон Парк“.

Истото го стори и менаџерот на Вест Хем, Дејвид Мојс и поранашниот капитен на Украина, Андриј Јармоленко сам ќе одлучи дали ќе биде во составот за дуелот со Вулверхемптон што ќе се игра утре.

Португалскиот ас Кристијано Роналдо, кој игра за Манчестер јунајтед објави порака за мир во Украина на социјалните мрежи, а апели за мир има од многу спортисти од различни спортови.

 

 

Се вчитува...