Женската репрезентација на Македонија денеска од 19 часот ја пречекува Летонија, во претпоследното коло во групата 2 од Лигата Ц во квалификациите за пласман на Европското првенство 2025 кое ќе се одржи во Швајцарија.
Нашата репрезентација атакува на победа, во желбата за историски резултат и потврда на второто место во групата кое носи пласман во баражот од квалификаците.
Селекторот Александар Андов верува дека се има потенцијал за остварување на посакуваниот успех…
„Како што кажав и на самиот почеток, по моето назначување за селектор на репрезентацијата, реков дека потребно е време за да тргнат работите на подобро, чекор по чекор и со многу труд успеавме да се подобриме на сите полиња, а потврда за тоа се последните позитивни резултати што ги оствари оваа репрезентација. Се наоѓаме пред историски можност, женската репрезентација на Македонија во досегашната историја никогаш не била во можност да се бори за ваков висок пласман. Утре ќе имаме можност да испишеме историја, верувам дека ќе успееме да оствариме победа. Ја немаме на располагање Гентијана Рочи, која со својот квалитет и искуство претставува многу битен член на репрезентација. Но не смееме да зависиме и да се ослониме само на еден човек. Кажав дека сите фудбалерки се битни и утре ќе имаат можност да го докажат тоа“ – вели селекторот Александар Андов.
Слично е размислувањето и на капитенката Наташа Андонова.
„Нормално дека постои притисок пред утрешниот натпревар, но тој е позитивен. Имаме одлична атмосфера во репрезентација и по подолго време повторно сме сите заедно обединети, функционираме како еден тим и размислуваме победнички. Имавме одлични услови во претходниот период и се подготвивме на најдобар можен начин за овој меч. Имавме одличен тренинг камп во Банско и подготвени го дочекуваме утрешниот меч“ – коментира Андонова.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА