Фудбалерот на Манчестер Јунајтед, Амад Дијало, изјави дека не се кае за грубиот гест што го направил кон навивачите во Малезија, тврдејќи дека претходно бил испровоциран од навреда кон неговата мајка.
На снимката што стана вирална на социјалните мрежи, 22-годишниот репрезентативец на Брегот на Слоновата Коска може да се види како го крева средниот прст додека е пред хотел со своите соиграчи во Куала Лумпур претходно оваа недела.
„Имам почит кон луѓето, но не и кон некој што ја навредува мојата мајка. Не требаше да реагирам така, но не се каам за тоа што го направив. Сепак, се забавувавме добро во Малезија со прекрасни луѓе“ – напиша Амад на социјалните мрежи.
Азиската турнеја на Јунајтед започна лошо, бидејќи Јунајтед беше поразен со 1-0 од тимот од Југоисточна Азија во пријателски натпревар во Куала Лумпур.
Премиерот на Малезија, Анвар Ибрахим, исто така не го криеше своето разочарување, шегувајќи се пред 72.500 гледачи на стадионот „Букит Џалил“…
„Ајде, Манчестер Јунајтед повторно без трофеј. Изгледа дека ве очекува уште една тешка сезона – се надевам дека нема да испаднете во Чемпионшип лигата.“
Потоа тимот се упати кон Хонг Конг за следниот натпревар како дел од турнејата.
„Не бевме фокусирани во последниот натпревар и сите го чувствуваат тоа. Сакаме да свртиме нов лист и да бидеме подобри следната сезона“ – рече тренерот на Јунајтед, Рубен Аморим.
Манчестер Јунајтед ја заврши сезоната во Премиер лигата на 15-то место, најлошиот пласман во историјата на клубот, само четири дена откако го загуби финалето во Лигата на Европа од Тотенхем и пропушти европски трофеј.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

