Фудбалот обединува: Легендите на Бугарија и на Македонија одиграа хуманитарен меч за жртвите од Кочани

Селекцијата на ветерани на Македонија триумфираше со 2-3 на ревијалниот меч што се одигра во Варна против ветераните на Бугарија, хуманитарен натпревар од кој сите приходи се наменети за семејствата на жртвите во големата трагедија во Кочани.

Бугарските ветерани предводени од легендарниот Христо Стоичков ја покренаа иницијативата што беше прифатена од страна на македонските фудбалери, кои на овој натпревар беа предводени од Горан Пандев.

Дуелот мина во крајно пријателска атмосфера, според договорот се одиграа две полувремиња од по 35 минути, во кои Македонија славеше со победничкиот гол што го постигна Дарко Тасевски.

Ристо Божинов ги доведе нашите ветерани во водство од 0-1, Камбуров израмни од пенал, пред Пандев исто така од белата точка да ја врати Македонија во предност. Михтарски стрелаше прецизно за 2-2, пред Тасевски во 57. минута да донесе победа на Македонија.

Резултатот сепак не беше во преден план на овој спектакл, кој само уште еднаш потврди како спортот знае да обедини и да помогне, дури и во најголеми таги и трагедиии…

Фото: Sportal.bg

Се вчитува...