Фудбалот повторно се врати во Пирава: Ударник со амбиции и за влез во Втора лига во иднина

Пишува: М.Мицковиќ

Љубителите на фудбалот во Пирава се уште се сеќаваат на оние убави денови кога нивниот Ударник имаше силен тим и играше во Втората лига на Македонија заедно со Осогово, Малеш,  Брегалница, Борец, Победа/Валандово/, Караорман, Вардарски, Вардар /Неготино/, Кожув… Но за жал тие убави денови беа се до сезоната 2004/05 кога Ударник испадна од Втората лига и се пресели во Општинската лига на Валандово.

Долги години потоа Ударник „талкаше“ по селски терени, неговото игралиште беше запуштено, многу натпревари се играа на стадионот во Валандово, во Богданци, дотогашните спонзори го заборавија клубот, навивачите исто така, никој не сакаше да гледа, како што ги велеа селски натпревари. Дури едно време Ударник наполно згасна, не играше ниту во Општинската лига.  Беа тоа тажни фудбалски денови за Ударник во чии редови играа познати фудбалери од тој дел на Македонија: Трајче Невеселов, Васе Аџиев, инаку сојузен фудбалски судија, Перо Тодоров, Васе Димов, Дончо Тодоров…

Кога се сака, се се може

Но сепак оваа на почеток тажна приказна има и свој, барем засега среќен крај. Одделни луѓе во Пирава решија одново да гледаат фудбал на своето игралиште, се ангажира и градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, теренот е со нова трева, трибините и соблекувалните реновирани. За  претседател беше избран сопственикот на фирмата за производство на туш кабини „АКВАЛУК“ од Скопје, инаку роден во Пирава Митко Прнарков, кој исто така финансиски многу помогна игралиштето да ги има сите услови за да може на него да се играат натпревари. Тој ги финансира сите патувања и исхрана за играчите  во ресторани пред и по натпреварите. Клубот сега, откако ги направи сите регистрации на фудбалерите, плати котизација, потребна за настап во повисок ранг, почна да игра во Третата лига-исток заедно со Рудар/Пробиштип/, Слога /Виница/, Овче Поле /Свети Николе/, Малеш /Берово/, Тиверија /Струмица/, Вардарски /Богданци/, Дојранско Езеро, Карбинци и Брегалница/Делчево/. Требаше да игра и Победа од Валандово, но се откажа, повеќе и не постои.

Иако немаше време за подолги подготовки и уигрување на екипата за настап во Третата лига-Исток, сепак клубот успеа да ангажира повеќе млади играчи од околината, кои играат аматерски под раководство на тренерите, поранешни познати фудбалери, Александар Тенекеџиев, кој беше член на Академија Пандев и Крсте Тодоров. И двајцата, се додека не се комплетира екипата, принудени се, иако во години, и да играат за да им помогнат на овие млади играчи.

Гледачите се вратија

Живна фудбалот во Пирава, живнаа и навивачите, целото село е сега во неделите, кога игра Ударник на игралиште за да ги бодрат како порано своите миленици.

Во овие одиграни шест кола Ударник има пет  бода. Ремизираше со Вардарски 1:1, Дојранско Езеро 0:0, загуби на гостувањата од Малеш 1:2, Слога 0:3 и на свој терен од Овче Поле со 1:3.  Но каква радост беше тоа во изминатата недела кога пред околу 800 гледачи во Пирава, Ударник го победи поранешниот прволигаш Рудар од Пробиштип со 5:0 забележувајќи ја својата прва, веруваме не и последна победа во лигата. Тоа беше вистински фудбалски празник, се славеше до доцните вечерни часови во Пирава.

Заслужуваат да се објават и прочитаат имињата на играчите на Ударник на овој последен  меч кој донесе толку радост на навивачите: Стојан Танчевски, Ристо Тенекеџиев, Ангелчо Милев, Елдан Шата, Александар Тенекеџиев, Адријан Костадинов, Славе Ризов, Крсте Тодоров, Милан Атанасов, Лазе Грбашлиев, Димитар Илиев.

Играа уште и беа во записникот: Драган Чочков, Јован  Бојчев, Борис Дончев, Јовче Крстев, Марјан Костадинов, Зоран Павлов, Адријан Спасиќ, Методи Кркаланов, Златко Минев, Драган Глигоров.

Претседателот Митко Прнарков е убеден дека Ударник ќе обезбеди опстанок во лигата и дека клубот ќе се врати на старите патеки.

„Кога стартувавме, имавме се на се 12 до 13 фудбалери. Сега, тоа ме радува, имаме голем интерес на играчите од клубовите од околината кои изразија желба да играат во пролетната сезона за Ударник, иако се свесни дека тоа ќе  биде аматерски бидејќи засега не располагаме со дополнителни финансиски средства за некоја исплата. Можеби во иднина ако се најдат повеќе спонзори. Сега е најважно што Ударник повторно игра во повисок ранг и што  фудбалот е одново главна тема  во Пирава.  Тоа е она што најмногу ме радува“ – вели Прнарков.

Се вчитува...