Фудбалската федерација на Македонија ги подготви и денеска пред претставници на координативниот кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Корона вирус CoVid-19 ги презентираше сите услови од здравствениот протокол за враќање на фудбалските екипи на тренинзите и натпреварите со целосна одговорност, враќањето на фудбалските терени да биде максимално сигурно за сите учесници.
„Токму тоа ќе биде една од важните теми на утрешниот состанок во „Куќа на фудбалот“ со претставници на клубовите од Прва МФЛ во насока заедно да се вратиме на фудбалските терени. Координативниот кризен штаб за здравствена заштита пред неколку дена побара од ФФМ да подготви здравствен протокол, а федерацијата веќе го достави бараниот протокол до надлежните институции и до клубовите, а истиот утре (22. мај) од 12:30 часот ќе биде детално презентиран и од страна на епидемиологот д-р Жарко Караџоски од Институтот за јавно здравје. ФФМ заедно со клубовите треба да донесе конечен став околу натпреварувачката сезона 2019/2020 во Прва МФЛ, а еден од главните услови е да се подготват и насочат клубовите за враќање во вообичаениот тренинг и ритам за натпревари со точно утврдени мерки за заштита на здравјето на фудбалерите и сите други фудбалски работници“ – соопштуваат од Фудбалската федерација на Македонија.
Па, согласно актуелните најави се поизвесно е дека сезоната ќе продолжи во Првата македонска фудбалска лига. Се очекува на утрешниот состанок меѓу ФФМ и прволигашите да биде утврден прецизниот тајминг, согласно и натпреварувачкиот календар кој треба да биде заокружен до почетокот на август.
Како што е познато, на претходниот состанок, шест од десет клубови (Шкендија, Академија Пандев, Работнички, Шкупи, Борец, како и лидерот Вардар) биле со став за доигрување на сезоната 2019/2020.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА