Во година исполнета со бројни возбудувања, ЕКИПА.МК ви ги издвојува настаните од меѓународниот спорт кои вечно ќе се паметат.
Оваа 2025 година донесе повеќе радосни моменти за Македонија на фудбалски план. А-репрезентацијата како и минатата година, повторно е најсветлата точка во македонскиот фудбал, откако се избори за учество на уште еден бараж за Светско првенство. Втора шанса после онаа во 2022 година, кога се случи чудото во Палермо, а потоа во Порто не успеавме против Кристијано Роналдо и другарите.
Сега со уште еден обезбеден бараж, но преку Лигата на Нации, откако во квалификациите не успеавме после катастрофалниот одиграниот последен меч и убедливиот пораз од Велс во Кардиф, моравме да се задоволиме со трета позиција.
А, Македонија го имаше еден од најдобрите квалификациски циклуси во историјата, се до последните две кола. И Велс и Белгија удрија во „ѕид“ во Скопје, можеме да жалиме за пропуштениот триумф против Велшаните буквално во последната секунд во Скопје, а особено ќе се памети „нулата“ во Гент против фаворизираните Белгијци, кои, сепак, на крајот успеаја да дојдат до првата позиција, додека Велс со убедливите 7-1 стави печат на втората позиција. „Киксот“ против Казахстан на домашен терен и оние 1-1, како да беа предвесник што ќе се случува во Кардиф, каде беше одигран еден од најслабите натпревари во историјата на македонската селекција.

Баражот против Данска, а потоа и против еден од Република Ирска и Чешка ќе го дочекаме со нови лица во стручниот штаб. На Благоја Милевски не му беше продолжен договорот, па селекцијата сега ќе ја води Гоце Седлоски, кој ќе има „огнено крштевање“ токму на дуелот со Данците, каде Македонија ќе има нова шанса за Мундијал. Секако, желбите и амбициите се пласман на Светското првенство во САД, Мексико и Канада. Доколку успееме, таму ќе играме против еден од домаќините Мексико, потоа против Јужна Африка и Јужна Кореја.
На клупски план исто така ова беше историска година. Шкендија успеа да се пласира во групна фаза во едно европско натпреварување, после осум години кога Вардар играше во Лигата на Европа. Тетовскиот тим и актуелен првак на ПМФЛ се пласираше во Лигата на Конференции, благодарение на двете победи во квалификациите за ЛШ. Имаше шанса и за Лига на Европа, меѓутоа беше поразена во плеј-офот од Лудогорец. Во групната фаза избраниците на Јетон Беќири успеаја да дојдат до две победи и едно „реми“, доволно да се пласираат во плеј-офот. Во Скопје никој не успеа да ги победи. Ги совладаа тимовите на Шелбурн и Слован Братислава, одиграа нерешено со Јагиелонија, додека на гостински терен загубија од Рајо Ваљекано, Дрита од Косово и од АЕК Ларнака. Меѓутоа Шкендија ќе остане во историјата на мак-фудбалот како прва екипа која обезбеди учество во Европа во вториот дел од сезоната.

И додека Шкендија се радуваше на европските успеси, не може да се каже истото за останатите тимови кои ја претствуваа земјата на меѓународна сцена. Вардар го мина тимот на Ла Фиорита од Сан Марино, но загуби убедливо од Лозана на гостински терен со 5-0. Силекс беше елиминиран од Дечиќ, додека Работнички не успеа да го мине тимот на Торпедо Жодино во Лигата на Конференции.
Во ПМФЛ се случува „кам-бек“ на Вардар. „Црвено-црните“ од Скопје запоседнаа со врвот, откако долги години се бореа за опстанок, еднаш мораа и преку баражот да го потврдуваат своето останување во „елитата“, но сега приказната е сосема поинаква. Голем дел од долговите се исчистени, и сега тргнува походот кон враќање на титулата во вардаровите витрини. Големото враќање на најтрофејниот го најави освојувањето на Купот на Македонија. Првото место во моментов е добар пат за враќање и на шампионскиот трофеј, но Струга ТЛ им „дише во врат“, а тука е и Шкендија која најавува дека нема да се откаже од одбрана на тронот, и покрај европските настапи. Ако есенскиот дел беше интересен, се очекува пролетниот да биде уште поинтересен.

На дното исто така е интересно. Освен последното место кое ќе биде најверојатно „резервирано“ за Шкупи, за остантите се очекува голема борба. Во игра се неколку клубови меѓу кои Работнички, Тиквеш, Пелистер, Брера, Башкими, Арсими… Испаѓаат три екипи, две играат бараж, па затоа на пролет сите тимови ќе водат жестоки битки за да останат барем уште една сезона во ПМФЛ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

