ФУДБАЛОТ ВО 2025: Цела репрезентација менуваше клубови!

Во година исполнета со бројни возбудувања, ЕКИПА.МК ви ги издвојува настаните од меѓународниот спорт кои вечно ќе се паметат.

Минутажата во клубовите на македонските репрезентативци е проблем со кој се соочуваше досегашкиот фубалски селектор Благоја Милевски. Иако цела репрезентација смени клубови во 2025 година, со цел да играат повеќе и да соберат што поголема минутажа пред настапите во репрезентацијата. На некои тоа им успеа, но на голем дел и не им годеше смената на клупските средини.

Столе Димитриевски во 2024 година замина во Валенсија, но никако да се наметне како прв избор во овој шпански клуб. Затоа имаше шпекулации дури и за негово заминување, а ќе има и сега во јануари, со оглед дека сигурно до крајот на сезоната нема да биде број еден во таборот на „лилјаците“. Дејан Илиев и Дамјан Шишковски останаа во своите клубови УТА и Борац Бања Лука, додека Игор Алексовски од Работнички, замина во Албанија во Фљамуртари.

Одбраната со исклучок на Деспотовски и на Илиевски, сите сменија клубови. Алиоски, конечно, најде клуб во кој ќе има поголема минутажа и се врати во Швајцарија во Лугано. Ашковски замина во Раднички Ниш, додека Серафимов потпиша за Левски. Ѓоко Зајков се одлучи да оди во ОАЕ, во дресот на Ајман, а Андреј Стојчевски од Жилина, да се пресели во чешкиот прволигаш Словачко. Дарко Велковски после шест месеци без клуб, најде ангажман во БиХ и потпиша за Зрински, а Бојан Димоски од Акрон дојде поблиску, во соседна Србија во ТСЦ. Висар Муслиу од Падерборн направи трансфер во Белгија, во дресот на Сент Труден.

Најзвучниот трансфер од нашите репрезентативци го направи Ељиф Елмас. Од Лајпциг се врати во Наполи, но само како позајмен до крајот на сезоната, а можеби и ќе остане во италијанскиот клуб и подолго. Долго време се бараше себе си, откако не се снајде во Лајпциг, мина и како позајмен во Торино, но се чини дека Италија и Неапол му годат, затоа што таму полека се враќа во вистинската форма. Енис Барди, капитенот на репрезентацијата остана во Турција и направи трансфер во Коњаспор. Исник Алими замина во далечна Кина, во дресот на Даилан. Тихомир Костадинов стана нов член на Сигма од Чешка, додека Атанасов после неколку години си замина од Полска и се пресели во Грција, во Лариса. Давид Бабунски за првпат заигра во мак-фудбалот, потпишувајќи за Вардар. Агон Елези минатото лето се пресели во Сараево.

ФОТО: X/TÜMOSAN Konyaspor

И главните играчи во нападот добија нови ангажмани. Бојан Миовски се врати во Шкотска, но овојпат потпиша во гигантот на таа земја Глазгов Ренџерс, откако имаше неуспешна епизода во шпанска Ла Лига, во дресот на Џирона. Дарко Чурлинов по неколку сезони во Барнли, сега е во дресот на Кочаелиспор. Херојот од Палермо Александар Трајковски по заминувањето од Хајдук, беше без клуб, па се врати во Хрватска, и од пред неколку недели е дел од Локомотива Загреб. Димитар Митровски од Вараждин се пресели во Олимпија Љубљана, а Давид Тошевски најде ангажман во Белгија, во дресот на Дендер. Милан Ристовски, Лирим Ќамили и Кристијан Трапановски не менија клубови од нападот. Македонија доби и нов шпиц во 2025 година во името на Елмин Растодер кој игра во швајцарски Тун.

ФОТО: X/Rangers Football Club

Се вчитува...