Капитенот на Шкотска, Енди Робертсон во својот живот има една прекрасна бајка која долго може да ја раскажува, а денеска има шанса да заврши и со „хепиенд“.
По прогласувањето за неталентиран и тоа од неговиот омилен клуб, Селтик, денешниот бек на Ливерпул премина во редовите на Квинс Парк, шкотскиот нисколигаш каде настапувал бесплатно. Од воздух не се живее па покрај тренинзите, Робертсон нашол работа, како продавач на билети на „Хемптон Парк“ за дуелите на својот национален тим.
На стадион од „9 до 17 часот“, па потоа во 18 часот на тренинг, двапати неделно. За овој клуб дебитира со 18 години, против Бервик во 2012 година. Од клубот добива едногодишна шанса да докаже дека знае да игра фудбал, во спротивно да бара друга опција.
„Размислував за Универзитет или некој колеџ, па станав професор по физичко воспитување за да работам со некој сличен спорт“ – изјави Робертсон.
Истата година Квинс Парк испаѓа во третата шкотска лига, но го привлекува интересот на скаутите, по што следува трансфер во Данди Јунајтед. Во својата прва сезона во шкотската Прва лига е прогласен за најдобар млад играч по што следи повик во шкотската репрезентација, и нов трансфер, овој пат од Стив Брус и преселба во Хал сити.
Три години поминати на „Кеј-Си“ со две испаѓања од Премиерлигата и една промоција во најдоброто англиско натпреварување по плеј-офот, по што следат два повика. Селтик и Ливерпул. Клубот од детството, кој го отпиша како некомпетентен, и великан на европскиот фудбал. Се останато е историја.
Од продавач на карти за својата репрезентација, преку Квинс Парк, Данди Јунајтед и Хал до првак на Европа и Англија, , а вечерва ќе истрча на „Маракана“ со капитенската лента околку раката со една цел – пласман на Европското првенство, што би бил прв за Шкотска по 1996 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА