Управата на Брегалница приреди „земјотрес“ на домашната фудбалска сцена откако експресно го реши тренерското прашање по заминувањето на Марјан Секуловски, на негово место ангажирајќи го Илчо Ѓорѓиоски. Станува збор за еден од најдобрите македонски фудбалски стратези, кој во својата колекција има три шампионски титули во мак-фудбалот, а извесен период со успех ја извршуваше и функцијата претседател на Фудбалската Федерација на Македонија.
Брегалница моментно се наоѓа на четвртото место на табелата, но самиот ангажман на Ѓорѓиоски е доволен показател дека штипјани имаат амбиции уште повеќе да напредуваат.
„Брегалница со овој чин и именувањето на Илчо Ѓорѓиоски за нов шеф на стручниот штаб отворено ја покажува намерата за дополнителен свој фудбалски развој. Нема потреба да се трошат зборови за тоа кој е Илчо Ѓорѓиоски на македонската фудбалска сцена, па единствено може да посакаме да се продолжи со успешните резултати на ФК Брегалница во иднина“, истакна првиот човек на Брегалница, Кирил Гогов, по потпишувањето на договорот со Ѓорѓиоски.
Илчо Ѓорѓиоски деновиве ќе го преземе тимот низ подготовките за стартот на вториот дел од сезоната.
„Без сомнение, Брегалница добива шампионски шмек со ангажманот на Ѓорѓиоски. Трофеите во македонскиот фудбал, но и фактот дека ја препороди Фудбалската Федерација на Македонија во нејзините најтешки години, доволно зборува за тоа какво име доаѓа на чело на тимот на Брегалница“, вели спортскиот директор на „сините“, Никола Тонев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

