Фудбалска Шпанија плаче по Антиќ: Рамос, Кико, Торес, Мичел…

Фудбалска Шпанија вечерва жали по Радомир Антиќ, легендарниот стратег кој е единствен во историјата што ги има водено Реал Мадрид, Барселона и Атлетико Мадрид.

Србинот кој почина денеска на 71-годишна возраст најголемите успеси во кариерата ги имаше на клупата на „јорганџиите“, а токму Атлетико Мадрид прв ја обелодени информацијата за смртта на Антиќ.

Семејството на Атлетико Мадрид жали поради смртта на Радомир Антиќ, еден од нашите легендарни тренери. Засекогаш ќе живееш во нашите срце. Почивај во мир“, се вели во соопштението на мадридскиот клуб.

„Знаев дека имаше проблеми со здравјето, но бев сигурен дека ќе ги надмине. Беше иноватор, човек кој секогаш го извлекуваше најдоброто од мене. Уживав играјќи фудбал под негово водство, ова е тажен ден за црвено-белата традиција“, изјави Кико, член на шампионската генерација под водство на Антиќ.

Легендарниот напаѓач на Атлетико, Фернандо Торес, исто така испрати порака во чест на големиот стратег.

„Останавме без човекот што донесе достоинство на фудбалерската професија, кој испиша историја со нашиот Атлетико. Затоа Радомир секогаш ќе биде во срцата на сите спортости“, порача Торес.

Меѓу оние кои испратија последен поздрав до легендарниот стратег е и актуелниот капитен на Реал Мадрид, Серхио Рамос.

„Го направи Атлетико поголем клуб, го направи и нашето ривалство поголемо. Збогум на една уникатна кариера: Атлетико Мадрид, Барселона и Реал Мадрид. Почивај во мир, Радомир Антиќ“, напиша Рамос на својот профил на социјалните мрежи.

Легендарниот играч за врска на „кралевите“, Мичел, имаше чест да игра под водство на Србинот во дресот на Реал Мадрид.

„Не сум тажен, јас сум уништен. Беше величина во секоја смисла на животот и никогаш нема доволно да ти се заблагодарам за се што направи за мене. Знам дека знаеш… ми беше како татко во фудбалскиот свет. Голема љубов и прегратки за семејство, особено за нашата Вера“, порача Мичел.

Се вчитува...