Волшебник со топката кој го обележа светскиот фудбал кон крајот на минатиот и почетокот на новиот век. Великан кој не умееше ниту да започне ниту да избегне инцидент, проживеа фантастична спортска бајка, иако неговиот живот на почетокот повеќе наликуваше на вообичаена драма
Лесно е да се одбере најтешкиот момент во кариерата на Зинедин Зидан. Проблем би било да се одреди најсреќниот, со оглед дека француската фудбалска легенда го задолжи светскиот фудбал со своите фантастични игри кон крајот на минатиот и почетокот на овој век. Можеби е тоа ласерски прецизниот волеј со кој на Реал Мадрид му ја донесе титулата првак на Европа во 2002 година. Или пак тоа е финалето на Светското првенство 1998 година меѓу Франција и Бразил, кога постигна два гола и на „триколорите“ им да донесе првата и единствена титула шампион на планетата.
Своевремено беше и најскап фудбалер во светот, кога во 2001 година премина од Јувентус во Реал Мадрид за рекорден трансфер од 66 милиони евра. Тешко би можеле да се одлучиме за моментот кој претставува врв на кариерата на популарниот Зизу. До ден денешен, тој е вистински фудбалски бог кога ќе се појави на „Сантијаго Бернабеу“, а клубот од Мадрид дефинитивно има право кога го именува за амбасадор на „кралевите“ ширум светот. По големата фудбалска кариера, изгради и фантастична тренерска, и си замина од Реал Мадрид на самиот врв, откако донесе три последователни европски круни. Но, ова е приказна за фудбалерот Зинедин Зидан. И не беше воопшто лесно да се искачи по скалите на успехот.
Околу најтешкиот момент е навистина лесно. Не, не, се лажете ако мислите дека тоа е прочуениот инцидент со Марко Матераци, кој беше и последното што Зидан го направи на фудбалскиот терен пред да се пензионира. Најтешкиот момент во кариерата на најдобриот француски, а можеби и најдобар европски фудбалер на сирте времиња се случи во октомври 2001 година. Тогаш на стадионот „Сент Дени“ се сретнаа Франција и Алжир. Државата во која Зидан израсна против државата од која потекнува неговото семејство.
Натпреварот изобилуваше со индиденти на трибините, на кои имаше многу повеќе алжирски емигранти отколку француски навивачи, а беше прекинат затоа што Алжирците му скандираа на Бин Ладен (само неколку месеци по тероритичките напади на САД) и го навредуваа Зидан. Никогаш Зинедин не се чувствувал толку посрамено на фудбалскиот терен во текот на кариерата. Сонародниците на неговиот татко извикуваа дека е предавник.
ВО ИМЕ НА ТАТКО МУ
Се почна во Кастељана, озлогласениот кварт на Марсеј во кој израсна Зидан и каде по се изгледа не растат само Французи. Тамошните жители во огромен број ги сочинуваат доселеници од Алжир, Мароко, Тунис, од Карибите и останатите краеви со француско говорно подрачје. Жителите на Кастељана се сметаат за марсејци, дури и се гордеат со својот град, но за жива глава нема да се претстават како Французи.
Француската јавност му го „простуваше“ на Зидан таквото опружување бидејќи тој самиот секогаш се оградуваше од националните поделби. Дури и кога даваше изјави за своето потекло, избегнуваше какви било политички конотации и секогаш истакнуваше дека не ги раздвојува алжирските гени и францускиот живот. Таквите ставови во комбинација со фудбалската магија која го красеше, а која дотогаш беше невидена во дресот на „триоколорите“, не ја прикажа дури ниту еден Мишел Платини, доведоа до тоа Зинедин Зидан да стане убедливо најпопуларниот жител на Франција. Ова е поткрепено со официјално изтражување во 1998 година, веднаш по големиот триумф на репрезентацијата на мундијалот што се одржа во оваа земја.
Но, штом стана толку омилен, почна на некого и да му смета. Набрзо после мундијалот, почна да кружи приказната дека таткото на Зинедин Зидан е харки. Тоа е израз за Алжирците кои во тамошната граѓанска војна, во која Алжир доби независност, се бореле на страната на Французите. Исмаил Зидан, таткото на Зинедин, се доселил во Париз во педесеттите години на минатиот век, кога во Франција од Алжир можеле да пристигнат само харките. Дури и некои политичари, како Ле Пен, изјавуваа дека самото доаѓање на Исмаил Зидан во Франција е најголем доказ дека тој во алжирската војна бил француски сојузник.
Денеска, неколку години по инцидентот со Матераци, многу лесно може да се заклучи како се чувствувал Зинедин во тој период, ако знаеме како реагира на навредите кон неговото семејство. Особено како се чувствувал на споменатиот натпревар Франција – Алжир, на кој имаше многубројни транспаренти „Зидан – харки“, но и неколку денови претходно кога добивал анонимни смртни закани.
После тој натпревар, Зидан беше принуден да ја наруши својата политичка необоеност и да застане во одбрана на својот татко.
„Мојот татко не беше харки! Тој е горд затоа што е Алжирец, а и јас сум горд на него затоа што е Алжирец. Тој никогаш не би се борел против својот народ! – изјави Зидан.
Овој натпревар не го наруши неговиот углед во Франција. Секако, Алжирците веќе ништо не можеше да ги разубеди во обвинувањата дека неговиот татко е харки, а ниту на „чистокрвните“ Французи не им беше сеедно што тој гордо го истакнува своето алжирско потекло. Но, на мајсториите на фудбалскиот терен никој не можеше да остане рамнодушен.
Во една подоцнежна анкета тој беше прогласен и за најомилен Французин на сите времиња. Тој самиот, пред три години, призна дека натпреварот Франција – Алжир му е најлошото спортско искуство во животот.
АНГЕЛ ИЛИ ДЕМОН?
Овој инцидент, заедно со оној со Матераци, беше секако најтежок во кариерата на Зидан, но секако не и единствен. Целото патешествие на Зизу низ професионалниот фудбал е обележано со несекојдневни тешкотии, кои неговото камено лице вешто ги сокриваше од јавноста. Многумина токму во тоа камено лице го препознаваа неговиот душевен немир, создаван од внатрешниот културолошки конфликт меѓу алжирското потекло и француското воспитување, кое повремено избиваше на површина. Тоа најчесто се завршуваше со добивање на црвени картони на фудбалските натпревари.
Уште како дете, растејќи на суровите улици на Кастељана, Зидан покажуваше дека е драгоцен, но многу незгоден фудбалски материјал.
„Секогаш беше срамежлив, тивок и некако повлечен. Но, кога ќе игравме фудбал беше незадржлив, секогаш решителен да победи, што се граничеше и со фанатичност. Дури и како дете. Ние кои му бевме другари од детството, и постојано игравме фудбал на улица, знаевме дека ако воопшто некој од нас успее да стане фудбалер, тоа ќе биде Зинедин“ – памети Дуду, кој заедно со Зизу израсна во Кастељана.
Тренерот на Зидан во Кан, клубот во кој Зизу ги направи првите сериозни фудбалски чекори (му пристапи на клубот на 15-годишна возраст) се сеќава колку неволји имал со талентираното, но помалку „диво“ дете.
– Морав да смислам начин како да ја канализирам неговата бес – раскажува Жан Варо. – Првите недели од неговиот престој во клубот ги помина во чистење на просториите затоа што на тој начин го казнував поради своите насилни испади.
А испади имало многу. Тогашните соиграчи на Зидан паметат дека умеел да се степа и со гледачите, а не со противниците, доколку нешто му префрлеле. Затоа, благодарејќи на него, просториите на Каен биле беспрекорно чисти.
„Никој не знае дали Зидан е ангел или демон. Затоа што се смее како Мајка Тереза, а прави гримаси како сериски убиец“ – изјави во една прилика рок-музичарот Жан Луи Мурат, инаку добар пријател на францускиот фудбалски великан.
Од друга страна, Зизу, никогаш не им се жалеше на судиите за противничките играчи кои не бираа срецства кога го чуваа. Тој мирно ги доживуваше сите намерни фаули кои беа направени над него. Но, затоа умееше многу често да возврати, и тоа ништо помалку грубо отколку тие. Останува во сеќавање начинот на кој во 200 година го удри Кајнц од тимот на Хамбургер, или кога крвнички го нагази репрезентативецот на Саудиска Арабија на Светското првенство 1998 година. Нормално, и кога со глава го покоси Матераци во финалниот натпревар на СП во Германија.
НЕДОВРШЕНО РЕМЕК-ДЕЛО
Сепак, колку и да беше „див“, Зидан беше еден од најголемите спортски бисери што дури ни таквиот проблематичен темперамент не можеше да го одведе во погрешен правец. Тренерите повремено имаа проблем со неговите насилни испади, но истовремено имаа адут каков што дефинитивно немаше во противничкиот тим. Има фудбалски стручњаци, па и психолози, кои сметаа дека неговото ненадмината вештина со топката секогаш беше пресметана во функција на тимот, а никогаш поради самоистакнување, потекнува токму од внатрешната бес на Зидан. Ако е тоа навистина така, тогаш навивачите на Кан, Бордо, Јувентус, Реал Мадрид и на француската фудбалска репрезентација можат да бидат благодарни на неговиот темперамент, затоа што им донесе многу радости, победи, незаборавни голови и титули…
Во неговите силни фудбалски подвизи, како што рековме на почетокот, тешко е да се одбере најголемиот. Тој избор немаше да биде толку компликуван доколку Зидан успееше да го заврши на најдобар можен начин Светското првенство 2006 година. Го замисли како ремек-дело , уште претходно најави дека тоа ќе му биде и простување од фудбалот. Иако во својата репрезентација имаше и многу други ѕвезди, речиси сам ја доведе Франција до финалето против Италија. После слабиот старт на „триколорите“, кога едвај се провлекоа во натпреварувањето по групи, потоа си поигруваше со Шпанија, Бразил и Португалија.
Делуваше еднакво моќно како и Пеле и Марадона во своите најдобри денови. Изгледаше како ништо да не може да го сопре во налетот да и донесе уште една светска титула на Франција. Но, тогаш налета на Марко Матераци, дефанзивецот на „аѕурите“ кој знаепе кога и како да испровоцира Зизу и го наведе на бесмислена реакција. Десет минути пред крајот на второто продолжение од големото финале (резултатот беше 1-1 уште од првото полувреме,а головите ги постигнаа токму Зидан и Матераци), Италијанецот во една мешаница во шеснаесетникот го повлече за дрес. Зидан му дофрли: „Ако толку го сакаш дресот, ќе ти го подарам после натпреварот“, на што Матераци му возврати: „Повеќе би сакал да ми го подари твојата сестра курва.“
На Зидан крвта му удри во глава кога ја слушна оваа навреда, се сврте и со сета сила со глава го удри Италијанецот во градите. Овој падна како покосен, а главниот судија, на сугестија на помошникот, на Французинот му покажа црвен картон. Со наведната глава го напушти теренот и гледаше како неговите соиграчи го губат пенал-рулетот.
Да не наседнеше на провокацијата на Матераци, можеби Франција ќе беше подобра во изведувањето прнали. Тој секако ќе беше еден од изведувачите, и веројатно ќе постигнеше гол, затоа што на тој мундијал едноставно не знаеше да промаши. Така, неговото заминување и дефинитивно ќе беше едно од највеличенствените во историјата. Сепак, Зинедин Зидан и вака нема за што да жали. Како што еднаш и самиот рече, кога беше избран за најдобриот Французин во историјата:
„Неверојатно е чувството кога целата земја ти оддава признание. Посебно на мене, затоа што израснав во сиромашно и проблематично опкружување и имам емигрантско потекло. Тоа е порака за сите, за политичарите, врсниците со кои пораснав, за обичните луѓе во Франција, но пред се најмладите, дека се може да се постигне во животот“, вели Зидан.
После играчката, следи и фантастична тренерска кариера. Велат, тој што знае – си знае…Доби шанса на клупата на Реал Мадрид, освои многу титули, испиша нова историја со „кралскиот клуб“, и повторно тивко си заминува…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА