Фудбалската репрезентација на Србија доживеа вистински дебакл (0-5) од Англија во Белград во квалификациите за Светското првенство.
На „Маракана“ се слушнаа бројни навивачи кои бараат отказ за тренерот Драган Стојковиќ Пикси, но тоа се уште нема да се случи.
Генералниот секретар на ФФС, Бранко Радујко објави дека тие веруваат во Пикси и дека тој ќе ја води Србија и на мечот со Албанија во октомври.
„Натпреварот со Англија беше разочарувачки, не само резултатски (0-5), туку и во однос на се што беше прикажано. Верувавме дека дуел со таква голема фудбалска сила како Англија е вистинска можност да започнеме позитивен бран на нашиот најголем стадион, исполнет до крај, и да го вратиме култот кон репрезентацијата.
Сега за само три недели го имаме собирот за најважниот меч во квалификациите, за мечот со Албанија, кој директно ќе одлучи кој ќе оди во баражот за СП. Тој меч е наш апсолутен приоритет во моментов. Имаме играчи кои не заборавиле да играат фудбал, играат во сериозни клубови, во сериозни лиги, некогаш ја радуваа нацијата и верувам дека можат и овој пат.
Што се однесува до тренерот Драган Стојковиќ, од него имаме јасни очекувања, а тоа е нашиот тим да игра на највисоко можно ниво со јасна победничка амбиција, од првата до последната минута. По тој натпревар, органите на Федерацијата и Извршниот одбор ќе ги разгледаат извештаите на спортскиот сектор за претходниот период и соодветно ќе донесат одлуки од нивна надлежност“, изјави Радујко.
Србија во моментов е трета во групата зад Англија и Албанија. Избраниците на Пикси на 11 октомври ќе играат против Албанија, а три дена подоцна ќе гостуваат во Андора.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

