Фудбалски феномен: Кјелини ќе игра и на СП во Катар

Џорџо Кјелини и на 36-годишна возраст важи за еден од најдобрите италијански дефанзивци, па ветеранот на Јувентус беше меѓу најзаслужните што „аѕурите“ се закитија со трофејот на ЕВРО 2020. Како што стојат работите, Кјелини ќе продолжи да го носи дресот на „старата дама“, но исто така и на италијанската репрезентација, по неговата желба да настапи за националниот тим и на СП во Катар пред крајот на наредната година.

Договорот на Кјелини со Јувентус истече на крајот од минатата сезона и долго време се чинеше дека ветеранот ќе си замине од таборот на „црно-белите“, дури и дека летово ќе ја заврши кариерата. Ситуацијата целосно се промени откако Масимилијано Алегри се врати на клупата на Јуве, а трофејниот стручњак го потенцираше останувањето на ветеранот како еден од приоритетите во овој преоден рок. Деталите беа експресно договорени, а Кјелини инсистирал на двогодишен договор, се со цел максимално подготвен да го дочека мундијалот во Катар.

Сите детали за двогодишната соработка се веќе средено и се чека на официјализацијата на договорот, по што искусниот одбранбен фудбалер ќе му се стави на располагање на Алегри.

Џорџо Кјелини е член на Јувентус уште од 2004 година, кога пристигна во редовите на „старата дама“ од таборот на Рома. Тој не одигра ниту еден официјален меч за „волчицата“, туку претходно две сезони мина на позајмица во Ливорно, пред да се пресели во Јувентус.

Се вчитува...