Фудбалските клубови и Првата лига во Македонија пропаѓаат поради монополизација на пазарот!

Македонскиот прволигашки фудбал очигледно постепено се лизга кон бездна. Ако се суди според последните случувања на прволигашката сцена, следната сезона би можела да има помалку клубови во елитата, секако не поради промените во системот на натпреварување, туку поради недостаток на финансиски средства за натпреварување. Не е никаква тајна дека веќе два клуба најавија повлекување од прволигашката сцена токму поради тешката финансиска состојба во која се наоѓаат.

Откако е веќе јасно дека Ренова не го издржа финансискиот притисок за прволигашко натпреварување, се погласни се најавите дека Академија Пандев се повлекува од Првата лига следната сезона, токму поради континуираното намалување на финансиските средства. Иако основачот на Академијата, Горан Пандев ги демантираше овие наводи, набрзо од ФК Беласица официјално информираа дека двата клуба од Струмица, Академија Пандев и Беласица, се спојуваат во еден тим, за што, пак, „пандевци“ сега  не сака да коментираат се до завршувањето на настапите на европската сцена на клубот. А, која е вистинста, се надеваме, ќе се знае наскоро…

Сепак, сите случувања со прволигашите ова лето се погласно ја носи на површина добро познатата тема која долги години го оптоварува сиромашниот македонски клупски фудбал: Зошто клубовите мора сами да се снаоѓаат, место средствата неопходни за нивната работа да се обезбедуваат преку спонзорства од различни компании кои се заинтересирани за тоа. Кога само ќе се погледне ситуацијата во регионот, па дури и во цела Европа, сите големи лиги имаат потпишано договори за насловни спонзорства. Погледнувајќи на Стариот континент, од 30 првенства на најдобрите лиги во Европа, 11 се насловни спонзорства на компании кои се занимаваат со приредување игри на среќа. На второ место се банкарските компании чии имиња се во насловите на фудбалските лиги. Интересен е и податокот дека Бетинг-компаниите се популарни во земјите од регионот, како на пример во Србија, каде компанијата МОЦАРТ, освен што е долгогодишен партнер на Фудбалскиот сојуз, неодамна стана и насловен спонзор на фудбалската лига. Бетинг-спонзори на фудбалските лиги се присутни и во Хрватска, Бугарија, Романија, како и во Грција, Португалија, Австрија, Словачка, Казахстан…

Либерализацијата на пазарот секако води до поголеми инвестиции во фудбалот, но и до напредок на самиот спорт, имајќи предвид дека приходот оди во бројни младински спортски школи кои се формираат во големи фудбалски клубови.

Поради очигледната блокада и монополизираниот пазар, македонската лига полека пропаѓа, а парите од приходите од игрите на среќа на други начини се одлеваат од Македонија. Барањето за слободен пазар се предлага подолго време, но постојано наидува на нови блокади, поради што спортот најмногу трпи, бидејќи нема решени законски рамки за да се реализираат инвестиции и во оваа гранка.

Долги години спортските колективи очекуваат од државата либерализација на пазарот и соодветни законски решенија како би се привлекле големите спонзори во клубовите. И се уште се чека на тоа, а до тогаш единствено пропаѓа професионалниот спорт.

Се вчитува...