Фулам заврши две големи работи во еден ден

Челниците на Фулам завршија две големи работи во изминатите 24 часа, успевајќи да го задржат тренерот Марко Силва во клубот, но и да најдат адекватна замена за Александар Митровиќ.

Силва имаше уште една година од договорот со Фулам, но и клаузула од пет милиони фунти што му овозможуваше да си замине од „Крејвен котиџ“. Тој доби фантастична понуда од 20 милиони евра по сезона од Ал Ахли од Саудиска Арабија, долго размислуваше, за денеска да ги извести челниците на овој клуб дека ќе остане во Фулам уште најмалку една сезона.

Се очекува неговите постапки да не ги следи најдобриот стрелец Александар Митровиќ, кој е решен да си замине од клубот и да се пресели во Ал Хилал. Затоа, Фулам успеа да доведе адекватна замена комплетирајќи го трансферот на Раул Хименез од Вулверхемптон. Мексиканецот беше на излезна врата од овој премиерлигаш, имаше и побогата понуда од турска Адана, но на крајот сепак се реши да остане во најсилната лига во Европа, прифаќајќи ја понудата на Фулам.

Трансферот на Хименез ќе изнесува 5,5 милиони фунти и ако се знае дека Митровиќ ќе си замине за околу 50 милиони фунти, јасно е дека лондонскиот клуб одлично ќе заработи во овој преоден рок.

Се вчитува...