Фуријата од Хјустон не запира

Хјустон останува тим со најдобар скор во НБА-лигата (22-4) откако „ракетите“ на синоќешниот дуел славеа против Шарлот со 108-96 за свој 11. триумф во низа. Мечот беше решен кон крајот на првата и стартот на втората четвртина, кога Хјустон направи неверојатна серија од 25-0 и си создаде убедлива предност. Тоа им овозможи на „ракетите“ дури и да го намалат темпото до крајот на мечот, но сепак да стигнат до двоцифрен триумф. Крис Пол го одигра својот најдобар меч за оваа екипа по трансферот од ЛА клиперс, реализирајќи 31 поен, десет повеќе од Џејмс Харден.

Оклахома сити славеше со 95-100 на гостувањето против Индијана, првиот меч на Пол Џорџ во Индијанаполис по заминувањето од таборот на пејсерси. Во главна улога повторно беше Расел Вестбрук, кој оствари нов трипл-дабл, завршувајќи го натпреварот со 10 поени, 12 асистенции и 17 скокови.

ЛА клиперс по враќањето на Милош Теодосиќ успеа да врзе две победи во низа, овојпат триумфирајќи на гостувањето против Орландо, додека Џон Вол се врати во тимот на Вашингтон за триумф над Мемфис.

Резултати НБА:

Индијана – Оклахома сити 95-100, Орландо – ЛА клиперс 95-106, Вашингтон – Мемфис 93-87, Бостон – Денвер 124-118, Мајами – Портланд 95-102, Чикаго – Јута 103-100, Њу Орлеанс – Милвоки 115-108, Феникс – Торонто 109-115, Хјустон – Шарлот 108-96.

Се вчитува...