Ракометарите на Пролет во фантастичен натпревар го совладаа Металург со 29-26, земајќи го скалпот на директниот ривал во трката за место во ракометна Европа за следната сезона. Триумфот е апсолутно заслужен ако се знае дека домаќините од самиот старт на мечот го контролираа резултатот, не дозволувајќи им на гостите да влезат во својот препознатлив ритам во нападот, но и максимално користејќи ја недоволната цврстина во нивната одбрана.
Домашните ракометари уште од самиот почеток наметнаа силно темпо, пред се со цврстата одбрана успевајќи да го исфрлат од ритам Металург. Ова придонесе предноста на Пролет од минута во минута се повеќе да расте, па гостинскиот тренер Димитриоски при резултат 9-4 беше принуден да побара тајмаут. Неговите совети вродија со плод, Металург се врати, па откако резултатот дојде на само еден гол разлика (12-11) дојде ред Матлиески да побара минута одмор за Пролет. Домашните ракометари се вратија во ритам по овој тајмаут, Потиќ презеде одговорност во нападот, Ангелов му одбрани зицер на Шилегов, па Пролет замина на одмор со убедливи 16-12.
Одбраната на домашниот тим на чело со голманот Ангелов функционираше беспрекорно и на стартот од второто полувреме, во кое Металург во првите шест минути не постигна гол, а Пролет поведе со 19-12. Калуѓеровиќ презеде одговорност во нападот на гостите и „металурзите“ намалија на 21-17, но во вистински момент блесна капитенот Ласко Андоновски, кој постигна значаен гол за домашниот состав, прекинувајќи ја серијата на противникот, воедно и изнудувајќи исклучување од Тарабокија. Минутите одминуваа, а домашните ракометари ја одржуваа солидната предност, па Димитриоски при 26-21 на седум минути до крајот побара тајмаут, во обид да го мотивира својот тим за камбек во мечот.
Металург стигна до 26-23 со голот од контранапад на Шилегов, но Аларов на спротивната страна изнуди пенал и исклучување од Калуѓеровиќ, по што Пецаковски од седум метри ја врати предноста на Пролет на „плус четири“. Пејовиќ со гол и асистенција беше најзаслужен што Пролет го издржа последниот налет на гостите и на крајот заслужено триумфираше со конечни 29-26.
Ласко Андоновски ги предводеше стрелците кај победничкиот тим со седум погодоци, пред Пецаковски и Потиќ со по пет, додека четири гола постигна Пејовиќ. Најефикасни во таборот на Металург беа Калуѓеровиќ со десет и Хорват со четири гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА