Македонскиот првак во футсал, КМФ Велес, го загуби со 8-5 решавачкиот дуел против Валета, претставникот на Малта, за освојување на првото место во претквалификациската група Е од турнирот во Лигата на шампионите. Ова значи дека Валета како победник на групата ќе патува во главната квалификациска рунда што ќе се одржи во Словачка.
По двете победи на стартот, против Наас Футсамба и против Космос Талин, играчите на КМФ Велес требаше да остварат победа и против Валета за пласман во следната фаза. Но, тимот од Малта се покажа како навистина силен ривал.
На полувремето, Валета имаше предност од 2-1. Игор Стојковски донесе водство за велешани, а потоа Камило Гомез постигна два гола за пресврт.
Во вториот дел имаше многу голови, а постојано во водство беше Валета. Во завршницата, КМФ Велес ризикуваше, а тоа тимот од Малта го искористи за убедлив триумф од 8-5. Зоран Левески постигна два гола за македонскиот првак, а во листата на стрелците се запишаа и Игор Стојковски, Дарко Ранготов и Александар Глигоров.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА