Селекторот на македонската футсал-репрезентација, Иван Божовиќ, се соочи со неочекувани проблеми во пресрет на претквалификацискиот турнир за СП 2020, откако двајца важни играчи отпаднаа од комбинација за настап поради повреди. Станува збор за Даниел де Соуса и Драган Петровиќ, но македонскиот селектор потенцира дека и покрај овие големи проблеми, „црвено-жолтите“ ќе сторат се за да стигнат најмалку до второто место во групата, кое значи учество во главните квалификации.
„За натпреварите од турнирот дефинитивно нема да сметаме на Даниел Де Соуса и Драган Петровиќ поради повреди. Тоа е сериозен удар за шансите на македонската репрезентација силно да се спротивставиме на репрезентациите во групата, посебно на словенечката селекција и да се бориме за второто место. Украина е топ фаворит за првата позиција и би било сензација доколку не го потврдат тој статус. Во вакви околности, без повредените Даниел и Петровиќ и со недоволно залечените Исмаили и Рамадан, Словенија е фаворит, но тоа не значи дека ќе се предадеме однапред. Сите што ќе настапат знаат дека мораат да дадат и повеќе од своите можности за да оствариме позитивен резултат. Со играчите кои ги имаме на располагање се подготвуваме максимално и на терен ќе излеземе да дадеме сѐод себе и се надеваме на резултатски добро отворање на турнирот“, изјави селекторот на футсал репрезентацијата, Иван Божовиќ.
Македонија во првото коло в четврток ќе се сретне со селекцијата на Словенија, по што в петок ќе следи дуел со Косово, а во третото коло од турнирот што ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје нашиот национален тим во футсал ќе се сретне со фаворитот Украина.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА