Гачевски: Можеме во групите од Лигата на Европа

Вардар беше на 15 минути од историски пласман во плејоф колото од Лигата на шампионите, но не успеа да го елиминира Копенхаген, кој на крајот славеше убедливо со 4-1. Во завршницата „црвено-црните“ не успеаја да ја искористат предноста од играч повеќе во поле и примија два гола кои ги оддалечија од големиот успех.

Голманот Филип Гачевски е разочаран од крајниот епилог, но верува дека Вардар има сили да се пласира во групната фаза од Лигата на Европа. Утре ќе го добие и противникот за плејоф колото во второто по ранг европско натпреварување.

„Нормално дека сите сме разочарани од резултатот и од фактот дека испаднавме од Лигата на шампионите. Имавме добар резултат од првиот натпревар. Првиот гол го примивме многу рано уште во втората минута, но и после тоа успеавме да се вратиме и да израмниме, за брзо Копенхаген среќно да дојде до тој втор гол. Потоа добро се држевме, добивме и играч повеќе. Наместо сето тоа да го искористиме, примивме два гола. Синоќа секој фудбалер на Вардар сакаше да испише историја на клубот. Тоа што се случи сигурно дека ќе не боли. Но, јас сум сигурен дека можеме да обезбедиме пласман во Лигата на Европа. Имаме уште два натпревари и мораме да излеземе со кренати глави. Ние сме професионалци, верувам во тимот и во стручниот штаб. Знам дека можеме да се подготвиме добро за натпреварите во Лигата на Европа. На сите покажавме дека сме добра екипа. Копенхаген е тим кој што е редовен учесник во Лигата на шампионите, вреди многу повеќе од нас, а синоќа среќно дојде до победа и до пласманот понатаму. На цела Македонија и покажавме дека можеме да се носиме и со вакви противници“, изјави Гачевски за официјалниот сајт на клубот.

Се вчитува...